Успех се постигнува со тимска работа и со понуда на комплетна услуга

265
naslovna
Марјонка Велјановска, извршен директор на Фармахем

Фармахем е приватна компанија за промет и еколошки консалтинг, која на македонскиот пазар успешно работи скоро 25 години. Според големиот број на награди и признанија што ги има добиено, за Фармахем може да се каже дека е една од водечките фирми во областа на трговијата со лабораториска опрема и инструменти и еколошки консалтинг во Mакедонија. За принципите врз кои е изградена компанијата, за работата и за очекувањата, разговаравме со Марјонка Велјановска, извршен директор.

БИ: Следната година ќе славите јубилеј од 25 години постоење. Каков е концептот на работа на Фармахем врз основа на кој успешно опстојувате на пазарот?

Фирмата Фармахем е основана во 1990 година, од д-р Јосиф Таневски и е една од првите приватни фирми по осамостојувањето на Македонија. Концептот е заснован на четири различни сектори, што се покажа доста успешно. Понекогаш е тешко да се работи поради различните видови на услуги што ги нудиме, но тоа пак придонесува за стабилност на фирмата. Еден сектор работи со медицински лаборатории, значи со јавно и приватно здравство каде плаќањето е некогаш подобро, некогаш полошо. Друг сектор работи со индустриски лаборатории, а индустријата некогаш е во подобра кондиција, некогаш не е. Третиот сектор работи со култури за прехранбената индустрија, пред сè култури за сирења и ферментирани млечни производи, природни адитиви и бои за месна и за кондиторска индустрија. Четвртиот сектор не е поврзан со трговија, тоа е еколошки консалтинг. Овој сектор го формираше г-дин Таневски поради голема љубов кон заштитата на животната средина. Еколошкиот консалтинг е најмалку профитабилен сектор, меѓутоа има друга улога во компанијата. Во тек е голем проект за зачувување на природата во Македонија, поддржан од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), за поддршка на активности за зачувување на природата и локалниот одржлив развој во брегалничкиот регион.  Во рамките на секторот еколошки консалтинг има и акредитирана лабораторија за животна средина. Од аспект на акредитација, Фармахем во многу работи бил пионер – први акредитиравме лабораторија за калибрација на мерила за температура, маса и релативна влажност и лабораторија за тестирање на мерни параметри во животната средина (тестирање на бучава, квалитет на амбиентален воздух, анализа на вода и почви…). Основани се и две биохемиски лаборатории  Дијагностика Фармахем во Ѓорче Петров и Аеродром и Фармахем Сервис којшто ја инсталира и одржува опремата што ја продаваме. Имаме колеги за апликативна поддршка, значи никогаш не е само продажба, секогаш нудиме комплетна поддршка, од консултантски услуги, помош за дизајнирање на една лабораторија, до одржување на опремата, апликативна помош. Тоа е еден од концептите што ги имаме во работењето.

1

БИ: Каква опрема, какви производи поточно нудите?

Нудиме инструменти за анализа за биохемиски лаборатории, имаме комплетна понуда за сè што е потребно во една лабораторија, од центрифуга до најсофистицирани молекуларни анализатори итн. Тоа се биохемиски анализатори, имуноанализатори, хематолошки анализатори, сè што е потребно за функционирање на најмала лабораторија, па сè до најсофистицирана лабораторија за анализа.

Застапуваме многу реномирани европски компании. Во медицинскиот дел го застапуваме Abbott, во млечната индустрија Chr. Hansen, во индустриските лаборатории Controls од Италија, мерните инструменти за следење на температура и влага се на Testo од Германија, аналитички инструменти за фармацевтската индустрија од Agilent. Ние набавуваме и продаваме инструменти, а нашиот сервис понатаму е акредитиран за калибрација на истите. Како еден од концептите на кои се потпираме е да понудиме комплетна услуга за сè што е потребно во одреден сегмент.

БИ: Имате добиено многу награди за општествена одговорност, меѓу кои и наградата за транспарентност во работењето на менаџментот. Колку вклучувањето на вработените во донесувањето на одлуки во компанијата е важно за успех?

Се држиме до некои наши принципи што се воспоставени и се трудиме да ги задржиме и да ги унапредиме и во полето на заштита на животната околина и во полето на општествената одговорност, како и кон вработените и кон заедницата. Имаме добиено многу награди за општествена одговорност, за зајакнување на капацитетите за тимска работа, градење на лојалност кон фирмата, транспарентност во работењето на менаџментот… Убедена сум дека тоа е една од причините за нашата успешност. Раководителите на секторите имаат свои методи како ги вклучуваат луѓето што се во нивниот сектор околу донесување одлуки, менаџментот има свој начин како ги вклучува раководителите и таа вклученост по мене е многу важна за успехот на компанијата.

DSCN0268

БИ: Што е она што ве одвојува од конкуренцијата?

Има сериозна конкуренција во делот што го работиме, но сметам дека она што не одвојува е комплетната услуга, тоа што нашата стратегија не е никогаш само продажба, туку секогаш комплетен пакет на услуги. Лабораториите со кои работиме често ни се партнери, сакаме да им помогнеме да ги знаат најновите информации во областа, некогаш организираме или учествуваме на стручни симпозиуми со предавачи, а често и ние носиме предавачи од странство и организираме стручни настани. Едукацијата за вработените и за нашите коминтенти секогаш ни е приоритет.

БИ: Како ќе ја оцените 2014 година? Што очекувате во 2015?

За 2014 година можам да кажам дека беше успешна. Во вториот дел од годината, веројатно како и повеќето компании се соочуваме со проблем со наплатата од јавните установи. Годинава во фокусот ни беше и ширење и акредитација на нашите лаборатории. Одамна имаме акредитирани лаборатории за калибрација и за тестирање, а годинава го проширивме опсегот на калибрација на мерила за волумен (пипети со клип) и калибрација на системи за мерење на сила кај машини за испитување на материјали во градежните лаборатории. Акредитацијата им дава сигурност на корисниците на услугите дека се работи по одредени стандарди и дека квалитетот на акредитираните лаборатории е проверен и потврден.

Бидејќи работиме и со јавен и со приватен сектор, нашата работа зависи од тоа каква ќе биде 2015 за Македонија, таква ќе биде и за нас. Колку и да се тешки години, времиња, никогаш не сме го зеле тоа за оправдување дали ни е добра или лоша годината, секогаш се обидуваме да најдеме начин како да си ја вршиме нашата работа најдобро што знаеме. За следната година би биле задоволни и со тоа прометот да е ист како оваа, но да имаме подобра наплата, односно ликвидноста да ни биде подобрена.

Сите предизвици на кои наидовме ги надминавме, успешно продолживме да работиме на принципите поставени од основачот на компанијата и се подготвуваме да го одбележиме јубилејот, 25 години постоење, што мислам дека за било која компанија во Македонија е бројка за респект.