Утврдени тарифите за пуштање музика во хотелите и угостителските објекти

26

Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија и Македонската музичка индустрија (ММИ) денеска потпишаа договор за месечните тарифи што треба да плаќаат хотелите и угостителските објекти за пуштање музика во земјава.

По два денара од ноќевање ќе плаќаат хотелите за пуштање музика од домашни и странски изведувачи, додека угостителските објекти, зависно од површината на локалот, максимум 270 денари.

Овој надомест, како што беше потенцирано, ќе важи и за минатата 2013 година.

“Два денара од ноќевање или вкупно 200, 500 па и 1.000, е најмалиот трошок што еден ресторан, бар или кој било друг угостителски објект го плаќа“, рече потпретседателката на Здружението, Соња Бибановска по потпишувањето на Договорот.

Извршниот директор на ММИ, Бодан Арсовски, смета дека воведувањето и почитувањето на тарифите потврдува дека музичките уметници во земјава веќе се третираат по сите европски и светски стандарди.

“Сите членки на Здружението за угостителство се должни да достават податоци колку ноќевања реализирале или колкава е површината на локалите врз основа на што се утврдува цената согласно тарифникот за користење фонограми и снимени изведби“, рече Арсовски.

Договорот предвидува локалите со површина до 50 метри квадратни да плаќаат вкупно 90 денари месечен надомест, оние со површина од 50 до 100 метри квадратни 144 денари, а најголемите, со над 100 метри квадратни, 270 денари.

Угостителите кои не се членки на Здружението при Стопанската комора ќе плаќаат речиси трипати повеќе.