Вакцините им ги зголемија приходите за 12 пати

18

Германската биотехнолошка компанија BioNTech информира дека приходите во последното тримесечје од минатата година му се зголемени за повеќе од 12 пати, благодарение на развојот на вакцината против Ковид-19 во партнерство со американски Pfizer.

BioNTech  во последните три месеци од 2020 година оствари приходи од 345,4 милиони евра, а во истиот период една година претходно само 28 милиони евра.

Во текот на целата 2020 година, приходите на компанијата се зголемени петпати на 482,3 милиони евра.

Од германската лабораторија истакнуваат дека партнерството со американски Pfizer им овозможило “прокнижување комерцијални приходи од продажба на вакцината“.

Трошоците за истражување и развој во последните три месеци од минатата година беа скоро четирипати повисоки одошто во истиот период една година претходно, достигнувајќи 257 милиони евра. Во текот на целата година тие изнесуваа скоро 645 милиони евра.

Нето добивката на германската лабораторија во последното тримесечје била 367 милиони евра, односно шестпати повисока одошто во последните три месеци од 2019 година. За цела година, нето добивката била околу 15,2 милиони евра, а една година претходно BioNTech оствари нето загуба од 179,2 милиони евра.

Според досега потпишаните договори за испорака на 1,4 милијарди дози вакцини, компанијата очекува приходи од околу 9,8 милијарди евра.

Фото: Pexels