Вдовицата на Џобс, богатството нема да го остави на своите деца, а за тоа има посебна причина

151

Лорен Повел Џобс не планира своето богатство да го остави на децата. Вдовицата на коосновачот и извршен директор на Apple, Стив Џобс, во интервју за New York Times изјави дека својот живот го посветила на ефикасно распределување на богатството на Џобс на начини на кои “им помагаат на поединците и заедницата на одржлив начин“. Како што истакна таа, не планира да изгради “семејна династија“.

“Не ме интересира да градам наследно богатство и моите деца го знаат тоа. Стив тоа не го интересираше. Ако живеам доволно долго, ова богатство ќе заврши со мене“, рече Џобс.

Таа го користи своето богатство за да инвестира во проекти за помош на миграции, едукативен развој и проекти за животна средина преку организацијата Emerson Collective.

Акумулирањето на богатството – опасно за општеството

Повел Џобс, која е 35-та најбогата личност во светот, смета дека масовното натрупување на богатството е опасно за општеството и ги наведува семејствата од 19 и 20 век како Рокфелер, Карнеги, Мелон и Форд како примери.

“Не е во ред поединци да акумулираат огромно количество богатство еднакво на она што го имаат заедно милиони и милиони други луѓе“, рече таа, додавајќи дека тоа не е чесно.

Повел Џобс ги наследи акциите што нејзиниот сопруг ги поседуваше во Apple и Disney по неговата смрт во 2011 година.

Според индексот на милијардери на Bloomberg, нејзиното богатство се проценува на 24 милијарди долари.

За разлика од многу други милијардери во Силиконската долина, Пауел Џобс не го потпиша Заветот за давање, инициран од Ворен Бафет и Бил и Мелинда Гејтс. Потписниците се обврзаа да го дадат најголемиот дел од своето богатство на филантропија.

Фото: Facebook