Народната банка на Република Македонија ги издаде и пушти во оптек кованите пари за колекционерски цели Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија.
Кованата пара Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија ги има следниве карактеристики: на аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани слики на св. Вера (со крст), св. Надеж (со сидро) и св. Љубов (со деца) во златна боја. Под трите светици е прикажана слика на црквата Св. Трофим (Есшо, Алзас, Франција), каде што се чуваат моштите на св. Софија. Во горниот дел од монетата е прикажан грбот на Република Македонија и натписите 100 денари и 2014. Во долниот дел од монетата е прикажан натписот Република Македонија (на македонски јазик), како и ознаката Аg925 и тежината на монетата 31.1 г.
На реверсот на монетата е претставена дигитално печатена слика на трите светици – св. Вера, св. Надеж и св. Љубов, претставени како млади девојки. Зад трите светици е прикажана слика од нивната мајка, св. Софија (прикажана во релјеф). Имињата на сите светици се исковани на македонски јазик, а по должината на работ на монетата е претставен украс.
Оваа кована пара е изработена од сребро Аg925, со тежина на среброто од 31,1 г, чистота на среброто од 28,77 г и е во форма на правоаголник со димензии 30 х 45 мм.
Цената на кованата пара Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија изнесува 3.800 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.