Викендов се одржа 7-то издание Startup Weekend Skopje!

90

Изминатиот викенд, во простоориите на CEED HUB се одржа 7-то издание на Techstars Startup Weekend powered by Google for entrepreneurs организиран од тимот на Солвео. Настан кој ги инспирираше младите да го направат првиот храбар чекор и да започнат свој бизнис и ги воодушеви сите ментори, партнери а воедно и целата публика. За време од 54 часа, 10 тимови помогнати од 21 ментор, работеа на своите креативни идеи да ги претворат во реални бизниси.

Во петокот беше почетокот на настанот кој започна со обраќање од страна на фасилитаторот Daniel Kyne кој ја претстави мисијата и визија на Startup Weekend. Последователно беа презентирани идеите на учесниците од кои 10 беа одбрани за разраборување во текот на викендот. Менторските сесии беа закажани во сабота, каде 10 менторски групи поминаа речиси 3 часа со тимовите, кои добија насоки и совети за маркетинг, дизајн, креирање на бренд, дефинирање на бизнис модел, како и подготвување на финалните презентации.

Во недела беше финалето на настанот и тимовите ги презентираа своите конечни решенија пред стручно жири кои ги прогласија победниците на годинешниот Стартап Викенд и тоа:

Третото место го освои тимот “Challenger” со нивната платформа за социјално претприемништво која има за цел да поттикне општествена и социјална одговорност кај компаниите.

Второто место го освои тимот “Aqua Градина” со нивното широко достапно решение за одгледување на органски растенија.

Првото место го освои тимот “Anita.AI” кои создадоа начин да се поедностави концептот на вештачка интелигенција.

Тимовите освоија награди кои ќе им овозможат да продолжат да работат и развиваат своите решенија. Академиите како и акселераторските програми се дел од наградите кои нудат можности за раст и развој на идејните решенија.

Со заокружување на ова издание на Стартап Викенд покажавме дека кај нас има креативни и амбициозни луѓе кои сакаат и се спремни да направат нешто ново и да ги остварат своите соништа. Голема благодарност до сите ментори и судии кои доброволно се вклучија во настанот и им овозможија на учесниците да научат и да ги изградат своите идеи во решенија.

Исто така, овој настан беше беспрекорен благодарение на  поддршката од сите спонзори: Solveo, CEED HUB, MK Host, Пивара Скопје, Backyard, LADNA, Swiss Contact, Markt, Code Academy, Brainster, Кантина, La delicious, SPARKASSE BANK, Boulevard Bar&Kitchen, Фонд за иновации и технолошки развој, Swiss Agency for Development and Cooperation SDC, Twins sandwiches, Best way investment, Семос Едукација, Виталиа, Nescafe.

Со големо задоволство и нетрпение го очекуваме Startup Weekend 2019!