Вината Камник меѓу најдобрите на светски вински настани

15

kamnik

Eдна од најновите вести поврзана со вината на Винарија Камник е дека тие ќе се најдат меѓу дел од најдобрите светски вина на претстојниот VINEXPO 2017 во Бордо, Франција и ќе бидат меѓу протагонистите на ексклузивниот штанд на Андреас Ларсон во рамки на концептот TASTED 100% BLIND.

VINEXPO, кој годинава ќе се одржи меѓу 18-21 јуни, е еден од најголемите настани за професионалците од светот на виното и алкохолните пијалаци, со 2.350 изложувачи од 42 земји, приближно 50.000 посетители од 151 земја во светот и дури 1.200 новинари од 51 земја. Особено возбудлива можност во рамките на овој извонреден настан е токму TASTED 100% BLIND со Андреас Ларсон (Andreas Larsson), кој ја носи титулата Најдобар сомелиер во светот. Концептот ТASTED 100% BLIND е лоциран на ексклузивен штанд со површина од 240 м2, најголема изложбена платформа на VINEXPO 2017, каде пред јавноста ќе бидат презентирани беспрекорните вина кои професионално се оценети по принцип на слепа дегустација од страна на Андреас Ларсон. За тимот на винарија Камник ова е исклучително возбудливо случување кое се очекува со нетрпение, а вината кои тие ги создаваат со безрезервно вложување на своето знаење, искуство и имагинација уште еднаш ќе се најдат меѓу најдобрите во светот.

Во овој контекст би морало да се споменат и успесите и врвните светски награди со кои винаријата Камник се истакна во првата половина на 2017 година. Најскорешниот златен медал пристигна од земјата на виното, Италија, од La Selezione del Sindaco кој се одржа во мај во Амалфи, Салерно и тоа за Cuvée de Prestige 2015. Тука се и неодамна освоените две златни медали на Balkans International Wine Competition 2017 (BIWC 2017) во Бугарија, една за Terroir Vranec Grand Reserva 2013 и една за Ten Barrels Cabernet Sauvignon Reserva 2013. Златни медали пристигнаа и од Concours Mondial de Bruxelles за Merlot Single Vineyard 2014, и од Konradin Selection Germany за Cuvee de Prestige 2015, Terroir Vranec Grand Reserva 2013 и Ten Barrels Syrah Reserva 2015. Оваа година извонредноста на Terroir Vranec Grand Reserva, кое едно од најпрестижните вина на винарија Камник, за бербата 2012, за првпат донесе награда и од Соединетите Американски Држави, двоен златен медал од натпреварот The Great American International Wine Competition кој се одржа во март годинава. Сите овие освоени златни медали на престижни светски вински натпревари се однесуваат на првиот дел од годината, за вториот дел од годината очекувањата за успеси на вината Камник остануваат високи.

Винарија Камник продолжува со создавањето врвни вински вкусови кои воодушевуваат, а секој свој успех го споделуваат со сите во Република Македонија која својот вински идентитет во модерниот вински свет го етаблира токму преку ваквите, светски признанија и награди.