Вип ја претстави и лансираше својата нова 4G LTE мрежа

3

Vip_4G_FOTO 1

Вип оператор денеска ја претстави и лансираше својата нова 4G LTE мрежа. Новата 4G LTE мрежа им нуди на корисниците на мобилни уреди на Вип, брзини кои се 10 пати поголеми од оние кај 3G мрежата. Во овој момент, Вип има најголема покриеност на 4G LTE во земјата, покривајќи 40% од населението во 7 градови во Македонија.

“За помалку од две години по лансирањето на 3G+ услугите, Вип денеска ја претставува својата најнова инвестиција во 4G LTE со која ќе понуди супер брзи мобилни податочни услуги од најновата генерација. Овозможувањето на 4G LTE услугите е уште едно достигнување на Вип во трката по постојани иновации и супериорно корисничко искуство. Се работи за значајна инвестиција во можностите на нашата мрежа што ќе овозможи придобивки за нашите корисници и ќе ја унапреди конкурентноста на компанијата. Ние сме исклучително горди со она што го постигнавме во релативно краток временски рок. За само 7 месеци од почетокот на важноста на лиценцата, успеавме да обезбедиме покриеност на 40% од населението, иако обврските според Лиценцата предвидуваа двојно помалку за првите две години”, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип.

За да можат да ги користат 4G LTE услугите, корисниците мораат да поседуваат соодветни уреди за 4G LTE кои работат на 800 MHz или 1800 MHz, uSIM картичка што можат да ја добијат бесплатно во сите Вип салони како замена на претходната и да бидат во област со 4G LTE покривање. Во својата тековна понуда Вип има повеќе од 20 паметни телефони кои можат да работат на 4G LTE мрежа.

Уште од моментот на лансирањето, Вип им овозможува на своите постпејд корисници кои имаат соодветни уреди и uSIM картички, користење на 4G LTE интернет, со различни брзини, во зависност од тарифниот модел.

Максимална 4G LTE брзина е вклучена во Vip Free+ XL и Vip Free+ XL+ тарифните модели, како и кај Vip Free+ NoLimit и Vip Free+ NoLimit+, што вклучуваат интернет од 5GB и 15GB соодветно, каде брзината се намалува по надминување на лимитот. Овие понуди се однесуваат за новите постпејд корисници, оние корисници кои ќе го обноват договорот или корисниците кои ќе мигрираат на овие тарифи.

За постпејд корисниците на Вип достапен е и специјален 4G LTE пакет – Vip 4G LTE Surf Speed со 3GB интернет сообраќај и максимална 4G LTE брзина за само 299 денари месечно.

“Среќни сме што на постпејд корисниците на Вип им ја направивме достапна најсовремената 4G LTE мобилна комуникациска технологија. Барањата на корисниците за брз интернет се зголемуваат. Ние сме тука да ги исполниме тие потреби и да донесеме повеќе за македонските корисници – побрз интернет, подобро искуство, најголемa 4G LTE покриеност. Ние нудиме повеќе можности за љубителите на големите брзини, одлична понуда на паметни телефони и ќе понудиме многу повеќе во периодот што претстои”, изјави Гернот Раш, главен маркетинг директор на Вип.

4G LTE е идеална технологија која обезбедува големи брзини при користење на мултимедијални содржини и брз трансфер на податоци преку мобилна мрежа (4G LTE мрежата на Вип овозможува симнување на содржини од интернет со брзина до 100 Mbps). Брзината која секој индивидуален корисник ќе ја добие зависи од повеќе фактори, како што се: тарифната опција, карактеристиките на хардверот и реалната оптовареност на 4G LTE мрежата. При сурфањето на интернет, освен одличната брзина, 4G LTE мрежата овозможува искуство во реално време, што е дополнителна придобивка во споредба со претходните мобилни технологии.

За сега, Вип 4G LTE мрежата може да се користи за пренос на податоци од страна на постпејд корисниците на Вип. Говорниот сообраќај автоматски се префрла на 3G/2G мрежата.

Вип оператор е четвртиот оператор во Телеком Австрија Групацијата кој ја престави најновата 4G LTE технологија. По повод успешното претставување на 4G LTE технологијата во Македонија од страна на Вип оператор, Гунтер Отендорфер, главен технички директор на Телеком Австрија Групацијата, истакна: “4G LTE претставува ‘свет на можности’ и има улога на главен катализатор на идниот развој на апликациите и растот на податочниот сообраќај, истовремено заземајќи ја централната улога во телекомуникациската индустрија во целина. Врз основа на тоа и во согласност со нашата технолошка стратегија, Телеком Австрија Групацијата се стреми да стане лидер во оваа област. Всушност, претставувањето на 4G LTE технологијата преставува важен чекор за понатамошен развој на пазарите на кои делуваме, обезбедувајќи им на нашите корисници пристап до последната технологија, како и пресретнување на нивните барања за  мултимедијални содржини.”

Во август 2013, Вип доби одобрение од Агенцијата за електронски комуникации за фреквентен спектар 2x10MHz@DD 800 MHz и 2x15MHz@DSC 1800 MHz со што беа овозможени 4G LTE услугите. Одобрението вредно 10,3 милиони евра има важност од 20 години, со обврска Вип да обезбеди 70% покриеност на населението во Република Македонија во период од 6 години од датумот на неговото стапување на сила.