Вистински предизвик е создавањето друштвена игра како што е Cavern Tavern

137
ivana stankovska naslovna
Ивана Станковска, ко – основач и дизајнер на Final Frontier Games, студио за дизајн и продукција на друштвени игри

Создавањето на друштвена игра, како што е Cavern Tavern, е вистински предизвик бидејќи вклучува бројни елементи што бараат балансирање и вклопување со целата приказна. Детали околу идејата, процесот на создавање на игри од ваков вид, финансирање на Kickstarter… открива Ивана Станковска од Final Frontier Games.

kutija_tabla

БИ: Каков вид на игра е Cavern Tavern, од каде доаѓа идејата за нејзино создавање?

Како друштвена игра или поточно кажано како игра на табла, Cavern Tavern спаѓа во групата worker (dice) placement игра, каде играчите своите акции ги извршуваат со поставување коцка на соодветни полиња обележани на таблата, за што добиваат ресурси, поени и различни други бенефиции. Темата на играта е таверна сместена во мрачна пештера, во замислен свет, управувана од лош газда кој не е многу толерантен кон вработените. Во таверната се среќаваат многу раси, како елфови, џуџиња, тролови, орки, кои доаѓаат тука да се одморат од својот пат низ Петте Кралства.

Долго време размислувавме за креирање на игра за меѓународен пазар и како фанови на сè што е фантазија, од игри, филмови, серии, стрипови и слично и откако направивме темелно истражување што се бара на пазарот и што недостасува, дојдовме до идејата за Cavern Tavern. Секако, од почетокот на нејзиното креирање, па сè до финалниот производ, играта претрпе доста промени, приказната постојано се прошируваше и усовршуваше и за да се создаде нешто такво човек навистина треба целосно да се внесе и да се предаде на приказната, секојдневно да живее во тој свет.

2b3f4478e98d05a4dbb2efe24f77fed1_original

БИ: Кој стои зад нејзината изработка, колку време беше потребно и кои беа главните предизвици при дизајнирањето?

Играта е целосно изработена од тим од четворица македонски дизајнери, Војкан Крстевски, Тони Тошевски, Ивана Станковска и Маја Матовска, како и незаменливиот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, познат македонски стрип артист и цртач на Еднооки, кој придонесе многу во креирањето на артот на играта. Самиот процес траеше околу 10 месеци, а истиот вклучуваше дизајн, создавање приказна, осмислување на механиката на играње, усовршување на елементите, обемно тестирање со искусни и помалку искусни играчи.

Кога ја работиш оваа работа не постојат главни и споредни предизвици. Целата игра како целина е предизвик сама по себе. Бројните елементи кои се вклучени бараат детално балансирање и вклопување со целата приказна. За нас беше многу важно играчите при играње да можат да се соживеат со темата, да ги одвлечеме од реалноста и да ги пренесеме во некој нереален свет, а во исто време да добијат и интересна, поразлична игра од оние кои досега ги играле. Токму затоа, имавме подготвени повеќе прототипи, кои ги испративме до неколку влијателни и светски докажани рецензенти, уште пред Cavern Tavern да биде пласирана на Kickstater. Откако го добивме нивниот осврт и мислење, сфативме дека сме ја постигнале посакуваната цел.

92c76e7dafd1686e947bcf944da2416e_original

БИ: Побаравте поддршка од глобалната платформа за групно финансирање Kickstarter. Како сте задоволни од тој начин на финансирање и дали би го препорачале и на други луѓе кои имаат идеја, но не и доволно пари за нејзина реализација?

Kickstarter е одлична можност за сите креативци и иновативци кои имаат идеи, но немаат доволно средства за нивно остварување. Преку Kickstarter не само што се финансираат идеите, туку во исто време се намалува ризикот од несигурни инвестиции, бидејќи на крајот на секоја кампања, креаторите точно знаат колку парчиња од својот производ треба да произведат, кому ќе ги продадат и колкав профит ќе остварат.

Кај нас, Kickstarter како платформа, како алатка за финансирање не е доволно позната, а и оние кои ја знаат не се охрабруваат да ја искористат. Среќни сме што и ние сме пример и сме дел од процесот на промена на перцепцијата за Kickstarter како нешто недостижно. Искрено, на сите кои имаат идеја би им препорачале да го изберат овој начин на финансирање, но би сакале да им дадеме и некој совет плус. Пред да се постави проектот на Kickstarter, без разлика колку некој цврсто верува во својата идеја, мора да одвои многу време во истражување на пазарот и потребите на целната група, како и да се посоветува со веќе докажани креатори кои имале повеќе успешни кампањи. Kickstarter создаде голема заедница на креатори и луѓе кои често купуваат производи преку него и можеби ќе звучи чудно, но навистина сите се грижат еден за друг и несебично ги споделуваат своите мислења, предлози, критики и пофалби. Како и во секој бизнис, мора да се испита и конкуренција, што таа нуди, со какви проекти паралелно ќе се финансира вашиот проект, да се најде начин да се издвои, да отскокне во групата, да се понуди нешто различно …

Во моментов има повеќе од 200 активни проекти само за игри, меѓу кои и Cavern Tavern и илјадници од други категории. Кога ќе се види успехот на играта, бројот на луѓе кои се интересираат за неа, може да се заклучи дека внимателно сме ги следеле и сме се придржувале до важните правила.

Благодарни сме им на сите што веруваа и допринесоа за остварување на нашиот сон, на нашата идеја, пред сè поради фактот дека ова ни е прв интернационален проект. Ние и понатаму ќе го користиме Kickstarter како начин на финансирање, а веќе со следниот проект се надеваме дека и работите ќе бидат малку полесни, бидејќи успеавме да создадеме свои фанови и поддржувачи, за кои секогаш ќе се трудиме да им ги задоволиме очекувањата.

13103348_1591954147784478_6047033715525390158_n

БИ: Колку друштвените игри како Cavern Tavern се популарни кај нас, а колку во светот и за која возраст се најинтересни?

Во Македонија бордгајминг заедницата е мала, во споредба со светската, но многу отворена. Тука би сакале да упатиме голема благодарност до Гоблин Друштвени игри за сета вложена енергија во промоција на Cavern Tavern на ниво на Македонија, како и за сите критики и препораки.

Во светот, особено Америка, друштвените игри се многу популарни и речиси и да нема човек кој во животот покрај Монопол и Ризико, како две најпопуларни и најраспространети игри, не изиграл некоја друга игра, што во Македонија не е таков случајот. Би кажале дека малку се играат поинакви игри од овие две и дека можеби треба поголема едукација и промена на перцепцијата. Можеби проблемот повеќе е во финансиската состојба и економскиот стандард, бидејќи бордгејмингот е малку поскапо хоби. Како и да е, во оваа прилика би ги повикале сите кои сакаат да дознаат повеќе за игрите да нè контактираат, па заедно со нашите пријатели од Гоблин, да организираме поголем настан и поблиску да им го доближиме овој свет. Ако креирањето е забавен процес, замислете колку многу е позабавно да се игра.

Во последно време сè попопуларни стануваат семејните игри, каде и децата и возрасните заедно можат да се забавуваат, а најголема причина за тоа можеби е и развојот на технологијата, па така денес децата сè повеќе своето слободно време го трошат на компјутер, телефон и слично.

БИ: Дали е во план дизајн на друга ваква или слична друштвена игра?

Малку е познато дека веќе имаме издадено и пуштено во продажба две игри за македонскиот пазар – Пијопол, игра за возрасни (која имаше голем успех на нашиот пазар) и Македонска пица – игра на меморија за деца (која штотуку излезе во продажба). Cavern Tavern е наш трет проект, но прв интернационален.

Кампањата за Cavern Tavern е при крај, но веќе имаме неколку идеи за следни игри, за наредните две години. Засега нема да откриеме детали, но гарантираме дека ќе бидат уште подобри и уште поинтересни од оваа. Може да откриеме само дека следните ќе се задржат на оваа тематика, но надградена.