Познат американски експерт за пазарот на недвижности даде инвестициски совет – тој рече дека треба да купите куќа и да живеете во неа две години, потоа да купите друга, да се вселите во неа и да ја изнајмите првата. Повторете го процесот додека не купите пет куќи за десет години, со што ќе создадете капитал.
Бранислав Симовиќ, агент за недвижности во Црна Гора, вели дека цените на куќите и становите значително се зголемиле во последните години, особено по доаѓањето на руските и украинските граѓани по војната.
„Цените на недвижностите во Црна Гора, особено на брегот, варираат и зависат од многу фактори – локација, вид и состојба на самиот недвижен имот. Во понуда има многу куќи кои се продаваат по пониски цени од реалните, бидејќи Русите и Украинците купиле недвижен имот кој повеќе не им е потребен“, истакнува Симовиќ во интервју за Бизнис.рс.
Во Будва цените на становите се движат од 1.500 до 3.000 евра за метар квадратен, додека куќите може да варираат од 2.000 до 4.500 евра за метар квадратен, во зависност од близината до морето и квалитетот на градбата.
Котор, кој е на листата на најпосетувани медитерански градови, има нешто пониски цени на недвижностите во споредба со Будва. Просечната цена на становите се движи меѓу 1.500 и 2.500 евра за метар квадратен, додека цените на куќите се од 2.000 до 4.000 евра.
Тиват е уште поразновиден со цените на становите кои се движат од 1.800 до 3.500 евра за метар квадратен, особено во близина на луксузната марина Порто Монтенегро. Куќи во овој град можете да купите по цени од 2.500, па дури и до 5.000 евра за метар квадратен.
Херцег Нови и околината се нешто поевтини, па тука може да се најде стан по цена од 1.200 евра за метар квадратен. Куќите во овој дел на заливот Бока Котор се движат од 1.500 до 3.500 евра за метар квадратен.
„Купувањето недвижен имот за изнајмување под кирија во Црна Гора може да биде многу профитабилна инвестиција од неколку причини. Како прво, бројот на туристи постојано расте. Тоа значи дека има постојана побарувачка за сместување, особено во текот на летната сезона, но и во текот на целата година во одредени области“, објаснува Симовиќ.
Тој посочува дека и даночната политика е поволна, бидејќи данокот на имот е релативно низок, а поволности има и за оние што ги издаваат своите имоти.
„Пазарот на недвижности во Црна Гора е во пораст, а се предвидува дека цените на недвижностите ќе продолжат да растат, што значи дека можете да очекувате зголемување на вредноста на вашата инвестиција. Сепак, пред да одлучите да купите, важно е да обрнете внимание на неколку фактори. Недвижностите во туристичките места како Будва, Котор, Тиват и Херцег Нови се попопуларни за изнајмување и можат да донесат повисоки приходи. Додуша, трошоците за одржување на имотот може да варираат, па затоа е важно да се земат предвид при пресметувањето на профитабилноста“, вели агентот Бранко Симовиќ.
Соговорникот смета дека апсолутно вреди да се купи недвижен имот за изнајмување во Црна Гора бидејќи, на пример, ратите од кредитот за таа година може да се покријат за само три месеци годишно.
„Просечните цени во најпопуларните туристички градови се околу 100 евра за ноќевање во јули и август. Во септември и јуни се за нијанса пониски, но сега поради продолженото лето имотот можете да го издавате на четири месеци годишно“, оценува Симовиќ.