Витанов: Како што е дефиниран британскиот кредит, јас би го земал без двоумење макар два милиони луѓе да не ме поддржуваат

Оперативниот план за вработување вреден 40 милиони евра, треба да обезбеди работа за 16 илјади невработени, да ја намали невработеноста, да обезбеди ефективен пазар на трудот. Според премиерот Христијан Мицкоски во фокусот се младите, долгорочно невработените и загрозените категории на граѓани. Од вкупниот број, 12.537 лица ќе бидат вклучени во активни мерки, а 3.520 во услуги поврзани со вработување. Планот предвидува и дел за млади. Сеопфаќаат две главни точки, а првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади.

Во јавноста постои и друга теза, со оглед на тајмингот за Планот во изборна година. Се поставува прашањето дали претставува помош, поткуп или партизација пред избори? Сето ова е во денови кога Собранието го изгласа Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија и заемот од 6 милијарди евра. Дел од експертите не сметаат дека намерата на Владата е поткуп бидејќи велат има поголем рејтинг од опозициските партии. Според економистот Зоран Витанов, владеачкото мнозинство има 4 пати поголем рејтинг од збирната опозиција и со тоа само би си нанеле сопствена штета.

-Би си скокнале на стомак. Баш напротив, Влада која што има толкава доминантна предност по сите анкети на неколку месеци пред изборите, најмалку што ѝ треба е некакво купување на гласови како што велите вие. Мислам дека се работи за некоја чесна намера, ама ќе се воздржам од коментар за самиот квалитет на програмата бидејќи не ми е познат, вели Витанов за „Локално“.

Во однос на британскиот заем, соговорникот вели дека го поддржува доколку Владата навистина го намени за капитални инвестиции. Вели дека малку се парите во однос на тоа што е потребно.

-Целата рамка да се искористи затоа што навистина каматата е поволна. Само со хидроелектраните Чебрен и Галиште, Македонија ќе заработува најмалку 5% од инвестицијата годишно. Што значи дека земјава ќе има „подарок пари“ од економски гледан аспект. Тоа економистите го викаат „Other people’s money for self benefit“. Исто така се најави и изградба на Клинички центар во Штип. Доколку се најде и други такви меки кредити со каматна стапка од 1,5% годишно да ги користи затоа што Македонија само со квалитативен развој на инфраструктурата може да очекува поголем економски раст на БДП. Ние без 10% годишно не можеме да го фатиме чекорот со развиениот свет, бидејќи многу години тапкавме во место, посочува Витанов.

Целиот текст на Локално.мк