Вкупните кредити во јули се зголемиле за 0,7%

29

Во јуни 2019 година, кај паричната маса е остварен месечен раст од 0,8%, главно како резултат на зголемувањето кај депозитните пари , по што следуваат краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при мал пад кај долгорочните депозити до две години. Споредено на годишна основа, растот на паричната маса изнесува 9,2%. Годишната промена е условена од раст кај сите компоненти на паричната маса, каде што најголемо влијание имаат депозитните пари (учество од 65,8%), следени од краткорочните депозити,
готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.

Во јуни, вкупните депозити бележат месечен раст од 0,9%, којшто е резултат на растот на депозитите кај двата сектора. На годишна основа, растот на вкупните депозити изнесува 10,5%. Годишната промена е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, при малку поголем придонес на депозитите на
секторот “домаќинства“.

Вкупните кредити, овој месец, се зголемија за 0,7% на месечно ниво, што произлегува од зголеменото кредитирање на секторот “домаќинства“, а во помала мера и од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, растот на кредитите изнесува 8,1% и е резултат на кредитирањето на банките на двата сектора. Во јуни 2019 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 1,3%, којшто произлегува од растот на депозитните пари,
краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при мал пад кај долгорочните депозити во странска валута.

Стапката на годишен раст на депозитите изнесува 10,1% и е резултат на зголемувањето на сите категории, со најголем придонес на депозитните пари коишто објаснуваат две третини од растот. Кај кредитите на корпоративниот сектор во јуни, е евидентиран благ месечен раст од 0,2%, којшто во целост се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Гледано на годишна основа, остварен е раст од 6,4%, за што
најголем придонес имаат кредитите во домашна валута. Вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечен раст од 0,4%, во најголем дел заради растот на депозитните пари, како и растот на орочените
депозити во денари и во странска валута.

Годишниот раст изнесува 9% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари и во странска валута. Во јуни, банките и штедилниците одобриле кредити на домаќинствата коишто на месечно ниво се повисоки за 1,2%, а на годишно ниво се повисоки за 9,9%. На месечно ниво, кредитирањето на домаќинствата во странска валута е поголемо од кредитирањето во домашна валута, додека на годишно ниво е обратно, односно
придонесот на кредитирањето во денари е поголем во однос на кредитирањето во странска валута.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,5% и 1%, соодветно, при годишно зголемување од 12,0% и 12,9%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити забележаа месечен пад од 1,2%, при годишен раст од 4,0%, додека кредитите одобрени на кредитни картички на месечно и на годишно ниво остварија намалување од 0,4% и 1,5%, соодветно. Негативните салда на тековните сметки забележаа
месечен и годишен раст од 1,9% и 2,7%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен раст од 0,4%, при истовремен годишен пад од 8,2%.

Фото: Pexels