Владата доби законско овластување да ги определува највисоките цени во приватните болници

39

Владата на Република Северна Македонија на денешната 65-та седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

“Со измените во Законот дијагонстицирање и лекување на ковид пациенти предлагаме да се движи од 40.000 до 305.000 денари. Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од Ковид-19. Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пациенти во приватните болници“, напиша министерот за здравство, Венко Филипче на Facebook.

Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.