Внимателно возење, влажни коловози

48

pat-vlazen-pexels

Фото: Pexels

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по влажни коловози поради врнежи од дожд.

Поради оштетување на коловозот од надојдена вода од река Радика на патен правец Р-409 Маврово – Дебар во близина на Бошков мост, сообраќајот (наместо по една) сега се одвива по две коловозни ленти (каде е направен бајпас додека траат санациите на оштетената коловозна лента). Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација, а на учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Во клисурите се бележи појава на поситни одрони, особено на патните правци: Демир Хисар – Кичево, Катланово-Велес, Д. Капија-Удово, Маврово-Дебар-Струга, Кочани-Делчево и Виница-Берово.

Сообраќајот на патниот правец Гостивар – Кичево преку мостот на 1,5 км пред Стража е нормализиран. Забраната за тешки товарни возила и автобуси е укината и правецот е прооден за сите видови на возила.

На патниот правец Гостивар – Маврово во близина на Ново Село, поради реконструкција на мост сообраќајот се одвива регулирано со семафори и наизменично по една коловозна лента.

На патниот правец Демир Капија – Удово, кај тунелите на Демир Капија, се изведуваат градежни работи на пат. За тоа има поставено светлосна сообраќајна сигнализација (семафори) која го регулира сообраќајот. Можни се повремени кратки застои во одвивањето на сообраќајот на тој дел од патот.

Според известување добиено од инженеринг компанијата Геинг, за потребите за изработка на проектна документација за реконструкција и рехабилитација на патниот правец А3/Р1-312, делница Велес-Кадрифаково како експресен пат, се извршуваат активности на патот кои се поделени во две фази. Првата фаза започна на 27.03.2013 година, при што се врши геодетско снимање и се поставени 2 табли за известување за работа на пат, од кои едната е поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.

Патниот правец Р-103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот бр. 9 преку реката Вардар, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.