Во 2013 година отворени 530 нови работни места во рударството

24

Министерот за економија, Валон Сараќини пред почетокот на денешната седница на Македонската асоцијација за рударство (МАР) информираше дека за рударството во Македонија 2013 година била успешна, а во следната година планирано е да се реализираат многу проекти, меѓу кои и нов закон за минерални суровини и изнаоѓање странски реномирани компании кои ќе направат целосно скенирање на рудното богатство со цел да се изнајдат нови наоѓалишта.
Сараќини прецизира дека во 2013 година се доделени 93 концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација, од кои само во првите девет месеци од годинава има приходи од 600 милиони денари.
“Во Секторот рударство во 2013 година отворени се и 530 нови работни места и се бележи зголемен раст од речиси 7% во однос на претходната година. За 2014 година планираме нов закон за минерални суровини и да најдеме странски реномирани компании кои ќе направат темелно истражување на рудното богатство, со цел да се изнајдат нови наоѓалишта кои ќе бидат предмет на доделување на концесија”, рече Сараќини.
Тој потсети дека веќе при крај се и разговорите со Државниот архив во Белград од каде треба да се преземе целата геолошка документација за Република Македонија од времето на поранешна СФРЈ.
“Очекуваме и од тие документи да излезат нови наоѓалишта и нови инвестиции, како и да се отворат нови работни места”, рече Сараќини.
Министерот најави дека Владата и во 2014 година ќе ги санкционира сите концесионери кои не вложуваат многу во делот на заштита на вработените во рударството.
“Во тек е интензивна акција и секаде каде што ќе се констатира дека рударите работат во мизерни услови, концесионерите ќе се соочат со казни согласно законските одредби”, потенцира министерот.
Сараќини, на крај, упати и апел и до компаниите повеќе да инвестираат во делот на заштита на работа во 2014 година.
Претседателот на МАР, Николајчо Николов рече дека Асоцијацијата во целост го поддржува заострувањето на мерките за подобрување на работните услови во рударството.