Во 2016 само 18 трансакции по глава жител со домашни платежни картички

21

kreditni-karticki-pixabay

Фото: Jeshoots/Pixabay

Само 18 трансакции, по глава жител, со домашни платежни картички

Бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Македонија, во текот на 2016 година, е 18 трансакции по глава жител, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Овој број е за два и пол пати понизок во споредба со земјите од Централна и Југоисточна Европа, каде што просекот е 45 трансакции по глава жител, и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на Европската унија (102 трансакции по глава жител).

Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички. Во последниот период се забележува  промоција на контактно бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е согласност со светските трендови и најновите техничко технолошки решенија во доменот на плаќањата.

Со новата платежна статистика за првпат се обезбедуваат податоци за прекуграничните трансакции во работењето со платежните картички. Анализата на овие податоци покажува дека домашните картички во странство најмногу се користеле за плаќања во трговијата, а значително учество имаат и плаќањата за интернет-трговија. Анализирано по земји, најголема вредност на трансакциите со домашни картички е остварена во Обединетото Кралство, Унгарија и Грција. Кога станува збор за приливните трансакции остварени во домашната економија со платежни картички издадени во странство, најголема вредност е остварена со платежните картички издадени во САД, Швајцарија и Обединетото Кралство. Споредбата на вредноста на остварените трансакции во доменот на картичното работење, со картички издадени во земјата и во странство укажува на нето-прилив за Република Македонија во износ од 5,6 милијарди денари во 2016 година.

Во 2016 година бројот на отворени трансакциски сметки забележа раст од 1,2% на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1%. Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица (за 22,1%), што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза. Кај физичките лица, блокираните сметки бележат раст (од 5,8%), но значително забавено во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (35,4% и 19,1% во 2014 година и 2015 година, соодветно).