Во Хрватска отворена бесплатна продавница за сиромашни

21

prodavnica

Поранешен полицаец од Крапина, Хрватска, за сиромашните отвори бесплатна продавница од која можат да си земат што сакаат. Во продавницата нема цени, а потрошувачите таму ги набавуваат основните продукти, пишува 24 сата.

Мирко Прелчец (46), откако е во пензија се занимава со хуманитарна работа. Сам се грижи за десетина загорски фамилии кои поради тешки телесни и интелектуални оштетувања не се способни за самостоен живот. Прелчец и претходно со неколку пекарници организираше акција Леб за подоцна и народна кујна во Крапина. Сега отвори бесплатна продавница за сиромашните.

“Соседите ги осудуваат, а тоа е најлесно, да се осуди некој и да му се сврти грбот. На тие луѓе им треба помош, не можат сами. Никој не ги посетува, никој не им помага. Имаат законски права на разна помош, но не ја остваруваат затоа што ниту знаат за тоа ниту пак се способни сами да се изборат. Не сакам инертно општество какво што создадоа политичарите. Секому треба да му се даде шанса, едни на други мора да си помагаме”, вели Прелчец за 24 сата и додава дека најмногу помагаат оние кои имаат малку.