Во Македонија има нова генерација на лидери претприемачи

101
jovan
Јован Маџовски, регионален директор на CEED за Македонија, Србија, Албанија, БиХ и Молдавија

Во овој регион, претприемачите (со чест на исклучоци) имаат многу поголемо его отколку што би требало и мислат дека сè знаат, што сметам дека е една од причините зошто сè уште има многу малку глобално успешни компании кои излегуваат од овој регион.

Господине Маџовски, имате повеќегодишно професионално искуство во меѓународни институции како што се УСАИД, УНДП, ЕУ итн. на работи поврзани со економскиот развој. Сега сте регионален директор на ЦЕЕД за Македонија, за Србија, за Албанија, за Босна и Херцеговина и за Молдавија. За почеток, што Ве привлече Вас лично да се фокусирате на развој на претприемништвото?

Ј. Маџовски: Уште од 1992 година мојот татко започна мал фамилијарен бизнис во кој јас бев активно вклучен во времето кога бев на средно училиште и на факултет. Додека сите мои врсници само учеа и се забавуваа, јас учев и работев и се забавував, што во тоа време на транзиција ми овозможи секогаш да имам свој џепарлак, но и да стекнам некои клучни вештини и способности што понатаму многу ми беа потребни. Паралелно бев вклучен во менаџирање на неколку кафулиња кои, во тоа време, беа трендовски места за излегување на младите. Волонтирав и во неколку студентски и младински непрофитни и невладини организации. Морам да признаам дека сето тоа различно искуство остана длабоко врежано во мене и всушност ми помогна понатаму да развијам професионална кариера во организациите кои го поддржуваа економскиот развој на Р. Македонија. Во времето додека работев за овие меѓународни организации имав многу можности да се запознавам и да поддржувам многу успешни претприемачи од Македонија, но и од целиот свет и да ги слушам нивните приказни за тоа како го започнале и развиле својот бизнис. Кога се отвораше ЦЕЕД Македонија во 2007 година, дел од колегите со кои претходно веќе соработувавме ме посочија како можен соодветен кандидат за менаџер за Македонија и така започна мојата приказна во светот на развивањето и на помагањето на претприемачите.

Што е всушност ЦЕЕД Македонија, за каков тип организација станува збор?

Ј. Маџовски: ЦЕЕД (Центар за развој на претприемачи и менаџери) е меѓународна организација чија главна задача е поддршка на претприемачите. ЦЕЕД на претприемачите им помага да ги зголемат своите способности, вештини и знаења со менторство и преку вмрежување да ги зајакнат и да ги растат сопствените бизниси. Мајка организација на ЦЕЕД е СЕАФ (Small Enterprise Assistance Funds), со седиште во Вашингтон, чиј главен бизнис е менаџирање на инвестициски фондови, односно финансирање на мали и на средни приватни компании.
ЦЕЕД како Центар за развој на претприемачи и менаџери е стартуван во 2005 година. Првиот ЦЕЕД центар е отворен во Бугарија, додека во Македонија е отворен во 2007 година. ЦЕЕД центрите почнаа да се отвораат во овој регион, вакви центри има и во Словенија, Романија, Косово, Албанија, Србија, а потоа почна да се шири и глобално, па се отворија центри во: Тунис, Мароко, Молдавија, Ерменија, Бангладеш, Танзанија.
Оваа година ЦЕЕД Глобал (CEED Global) слави 10-годишен јубилеј и по тој повод се организираше Конференција во Софија, Бугарија, на 14 април. На конференцијата присуствуваа лидерите на индустриите, претприемачи, основачи на стартапи, инвеститори од преку 17 земји од светот.

ЦЕЕД Македонија има бизнис клуб. За што станува збор, какви можности нуди клубот, кои се конкретните придобивки за членовите?

Ј. Маџовски: ЦЕЕД Бизнис клубот е првиот и можеби единствениот ваков активен клуб во Македонија. Фокусот на нашиот Бизнис клуб е едукацијата преку размена на искуства, размена на грешки и научени лекции, запознавање нови компании и пазари, ширење на можностите за правење бизнис, запознавање нови клиенти. Целта е да се развие нова култура во претприемништвото во Р. Македонија во која младите претприемачи, односно следната генерација на претприемачи континуирано инвестира во сопствениот развој како професионални менаџери и сопственици на бизниси. Тоа е една многу важна специфика и квалитативно поместување на нивото на претприемништвото во нашава земја – имаме нова, идна генерација на претприемачки лидери кои, за разлика од претходните генерации, активно и континуирано инвестира во себе и во своите вештини, способности и квалитети, што дефинитивно не беше карактеристика на онаа прва, транзициска генерација на претприемачи. Ова е секако нешто што веќе поодамна постои во развиените земји. Фактот дека ова сега постои и одлично функционира во Македонија само ги израмнува нашите и странските претприемачи од аспект на можностите и алатките кои ги имаат за личен развој и за развој на бизнисот.

Вие сте регионален директор на ЦЕЕД и покривате пет земји. Кои се сличностите, а кои разликите во секојдневното работење на претприемачите во овие земји?

Ј. Маџовски: Уште од 2009 година сум вклучен во ширењето на ЦЕЕД во регионот, но и подалеку, и можам да кажам дека навистина уживам во истражувањето и во континуираното учење за претприемачите од целиот регион и пошироко. Навистина постојат многу интересни културолошки и пазарни разлики меѓу претприемачите во регионот, но во голем дел фазите во растот на бизнисите се идентични. Во регионот во моментов надоаѓа новата, втора генерација на претприемачи и менаџери која е многу поотворена за учење, побрзо носи деловни одлуки, но со претходно многу поквалитетна анализа на инвестициите. Бидејќи ЦЕЕД е и на други континенти, можам да заклучам дека претприемачите во целиот свет се многу слични како карактери и имаат слични проблеми со кои се борат, а кои во голем дел зависат од фазата на растот на компанијата, индустријата, големината на пазарот и едукативното минато на претприемачот. Во овој регион, претприемачите (со чест на исклучоци) имаат многу поголемо его отколку што би требало и мислат дека сè знаат, што сметам дека е една од причините зошто сè уште има многу малку глобално успешни компании кои излегуваат од овој регион.

 

Целото интервју прочитајте го на Економија и бизнис.