Во септември ќе бидат завршени градежните работи за термоелектраната во Требош

28

Mинистерот за економија Ваљон Сарачини заедно со заменик директорот на технолошки индустриски развојно зони (ТИРЗ) Асип Усеини и директорот на Стопанска комора на северозападна Македонија Арбен Халили, ги посетија термоелектроцентралата на биогас во село Требош и технолошко индустриската зона во Тетово, со цел да извршат надзор на реализацијата на градежните работи.
“Очекувам многу скоро подготвителните работи во зоната кај Тетово да бидат завршени и во септември оттука да се реализира и првиот извоз. На изградбата на внатрешната инфраструктура и административниот објект во моментот се ангажирани околу 60 лица, се со цел инвеститорите да имааат што подобри услови и потребната логистика. Зоната се гради преку јавно приватно партнерство и за неколку години треба да се вложат 7 милиони евра, со што ТИРЗ Тетово ќе стане значаен инпут во економскиот развој на регионот”, изјави Сарачини.
Заменик директорот на ТИРЗ Хасип Усеини посочи дека Дирекцијата на ТИРЗ со сопствени средства работи на изградбата и подобрувањето на надворешната инфраструктура на зоната кај Тетово, а приватна компанија работи на внатрешната инфратруктура.
Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија Арбен Халили очекува дека многу скоро ќе бидат поставени камен темелници на повеќе фирми во тетовската ТИРЗ.
Пред посетата на ТИРЗ Тетово министерот Сарачини ја посети и компанијата Везе шари и Лекер во селото Требош, каде во завршна фаза е изградбата на централата за производство на енергија од биогас.
“Оваа инвестиција на Везе Шари е со вредност од околу 6 милиони евра и според најавите на сопствениците централата треба да биде готова до септември. Во моментот се анагажирани околу 100 лица и со нејзиното пуштање во функција ќе бидат анагажирани дополнителни 30 нови работници. Ова е прва ваква централа на биогас во Македонија што е пример што и останатите треба да го следат”, рече Сарачини.
Оваа термоелектрана на биогас ќе биде прв ваков проект не само во Македонија, туку и пошироко, со што Република Македонија на некој начин станува лидер во регионот за производство на електрична енергија од обновливи извори. Електричната енергија ќе се добива со искористување на биогас. Со неа од органските отпадоци од фармата ќе се овозможи производство на 1 мегават електрична енергија на час.
Сопственикот на Везе шари и Лекер, Арбен Абдурахмани посочи дека термоелектроцентралата на биогас ќе има двојна функција бидејќи, како што рече, од една страна ќе овозможи природниот отпад од нивната фарма за кокошки да се преработи во централата и со тоа да се придонесе кон подобро зачувување на природната средина, а од друга страна да се произведе електрична енергија за нивните потреби.