Во Телеком продавниците поставени канти за дотраена електронска опрема

22

Foto

Македонски Телеком постави специјално дизајнирани садови, односно канти во 12 продавници низ државава, во коишто ќе може да се собира отпад од електрична и електронска опрема. Пет канти за електричен и електронски отпад се наоѓаат во Телеком продавниците во Скопје (Капитол, City Mall, Рамстор, Карпош и ГТЦ), додека останатите седум се лоцирани во салоните во Битола, Прилеп, Штип, Струмица, Гоствар, Охрид и во Струга.

Граѓаните во специјално дизајнираните канти ќе можат да ја одложат дотраената или нефункционална опрема за информатичка технологија и телекомуникации, како што се стари мобилни телефони. Останатиот поголем електричен и електронски отпад (фиксни телефони, тастатури, лаптоп, персонални сметачи и слично) корисниците ќе може да го оставаат во Телеком продавницата која што се наоѓа во Градскиот Трговски Центар во Скопје.

Досега, граѓаните имаа можност во Телеком продавниците да ги оставаат само дотраените отпадни батерии. Со новиот проект за обезбедување на садови, односно канти за електричен и електронски отпад, Македонски Телеком ја подигнува свеста кај граѓаните и ги стимулира да се однесуваат одговорно кон животната средина преку селектирање на различен вид на отпад, којшто произлегува од забрзаниот развој на информатичката технологија и телекомуникациите.

Од друга страна, како компанија кој што го поседува сертификатот ISO 14001:2004, Македонски Телеком ја покажува својата општествена одговорност и посветеност за заштита на човековата околина, доследно исполнувајќи ги одговорностите коишто произлегуваат од Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.