Водата од Охридското езеро од прва и втора категорија

4

Контролите на квалитетот на водата спроведени на почетокот на овој месец покажуваат дека квалитетот на водата во Охридското езеро е од прва односно втора класа, што е во рамките на дозволените стандарди. На денешната прес-конференција во Центарот за јавно здравје во Охрид беше истакнато дека од спроведените анализи на 21 примерок вода од езерото земени на потегот од Свети Наум до Радожда на македонскиот дел на езерото, водата на источниот дел од крајбрежјето е од прва класа, додека од втора класа водата е на оние места во близина на градовите и на местата каде се влеваат притоките од езерскиот слив, кои и натаму се најголемите загадувачи.
“Водата во реките Коселска, Сатеска и Велгошка и натаму е неповолна за квалитетот на водата во езерото односно сите три реки се со вода од трета класа, што не е во согласност со стандардите од Уредбата за класификација на водите”, истакна Сашо Точков од Центарот за јавно здравје во Охрид.
Точков додаде дека евидентни се показателите дека езерото и натаму се оптоварува со органски материи и загадувања од притоките од езерскиот слив.
Што се однесува на квалитет на водите, водата од селските водоводи и натаму се јавува проблемот околу дезинфицирањето на водите односно хлорирањето на водата со дезинфекционо средство.
“Во најголем број од селските водоводи се јавува проблемот од недостаток на дезинфекциско средство што претставува потенцијална опасност од загадување и поголеми последици по здравјето на луѓето што секојдневно ја користат таа вода”, додаде Точков.
Во текот на идниот месец и почетокот на мај ќе биде спроведна контрола на квалитетот на водата од сите јавни чешми во регионот на Охрид, за да се утврди состојбата со оглед на очекуваните пообилни врнежни од дожд во периодот што следува како и поради топењето на снегот од планините што секако влијае врз квалитетот на водите од подземните извори.