Водовод и канализација и граѓаните во заедничка акција за поддршка на СОС Детско село

26

Во април оваа година, јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје започна иницијатива за донирање средства за децата и младите од СОС Детско село, стои во соопштението.

Потенцирајќи ја увереноста и позитивната мисла дека љубовта и грижата се неопходни за среќно и безгрижно детство, како што е водата за животот, ги повикаа нивните корисници да донираат. Граѓаните со огромни симпатии ја прифатија иницијативата да ги поддржат децата и да донираат според своите можности и покрај тоа што кампањата се одвиваше во вонредни услови, за време на рестриктивни мерки поврзани со коронавирусот.

Јулијана Накова Гапо, национален директор на СОС Детско село, во врска со акцијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје објаснува дека СОС Детско село за прв пат остварува партнерство со јавно претпријатие и тоа покажа дека во нашата заедница има простор за нови и креативни можности и “секогаш е вистинско време за добри дела“. Огромна благодарност до ЈП Водовод и канализација – Скопје, но и до сите граѓани кои земаа учество во донаторската кампања.

“Ако мислата ја претвориме во денар, од април до јуни 2020 година, кон децата од СОС Детско село, испратени се точно 374.944 убави мисли. Толку средства се собрани од страна на граѓаните, а на повик за донација од страна на нашите пријатели од ЈП Водовод и канализација – Скопје. Нам многу ни значат овие средства, посебно сега, во оваа нова предизвикувачка реалност за сите нас. Сакам да потенцирам дека уште повеќе ни значи поддршката, добрите мисли кои се испраќаат кон децата и младите дека граѓаните и заедницата се грижат за нив, но и довербата која  ја даваат на СОС Детско село“, вели Јулијана Накова Гапо.

Соработката со ЈП Водовод и канализација – Скопје продолжува. Bработените од ова јавно претпријатие ќе се приклучат кон акцијата за редовно месечно донирање со цел да обезбедат континуирана поддршка на децата и младите од СОС Детско село, а дополнително се поставени и касички за донација на наплатните пунктови за да можат граѓаните да донираат.

СОС Детско село е благодарно, особено што во овие тешки моменти се потврди дека хуманоста и солидарноста постојат,  и дека секој индивидуално, согласно своите можности, може да направи разлика во нечиј живот.

Апелираме до останатите општествено одговорни компании, но и до секој поединец, да се сетат на децата и младите без родителска грижа и оние во социјален ризик за кои СОС Детско село се грижи веќе 19 години, на нивната потреба да бидат поддржани, сакани и среќни. Ние веруваме дека ниту едно дете не треба да расте само, а на овој начин и Вие ќе покажете дека мислите на нив. Колку повеќе се здружуваме заедно, толку повеќе децата и младите ќе имаат сигурна и светла иднина.

Секоја помош и поддршка е потребна и неопходна. Сите кои сакаат да помогнат, можат како и досега, да продолжат да донираат онлајн. Отворена е и можност за редовно месечно донирање. Повеќе информации на:  https://sos.org.mk/sos-superheroi/.

Фото: Freepik