Volkswagen за 10 години ќе има шест нови фабрики за батерии во Европа

39

Германски Volkswagen планира да обезбеди понуда на батерии и да ја шири инфраструктурата за полнење на електрични возила во Европа, во рамки на зголемените напори да ја надминат Tesla и да ја направат електронската мобилност поевтина и достапна за сите.

Вториот најголем производител на автомобили во светот, којшто на големо се фокусира кон автомобили на батерии, планира во Европа да отвори шест нови погони за производство на батерии до 2030 година. Дел од фабриките ќе ги гради сам, а дел со некои партнери.

“Електронската мобилност за нас стана основна дејност. Сега систематски ги интегрираме дополнителните процеси во синџирот на вредности“, изјави Херберт Дис, генерален директор на VW.

Планираните погони ќе имаат производни капацитети од 240 гигават часови годишно и тоа на компанијата ќе ѝ обезбеди долгорочна позиција во трка за најдобра батерија и најдобро корисничко искуство во ерата на мобилност со нулта емисија.

Фото: Pexels