Вори од Гевгелија освои златен медал на саемот Продекспо во Русија

77

vori-ajvar

Компанијата Вори од Гевгелија го освои златниот медал во категоријата Најдобар производ на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа Продекспо 2017 во Москва, јавува Миа.

Како што соопшти Македонско – руската стопанска комора, врвното признание следеше по освојувањето на вкусовите на бројните посетители и на стручните оценувачи на саемската манифестација.

Златниот медал е освоен за трите исклучително квалитетни производи – ајвар, тавче гравче и рижото.

“Нашата компанија произведува конзервирани производи од овошје и зеленчук и други производи по сопствени рецепти и тие ги задоволуваат потрошувачите со префинет вкус. Тоа можевме да го почувствуваме и на саемот во Москва. Производите ги подготвуваме од одбрани еколошки производи од гевгелискиот регион и од Македонија и тоа посебно ги одушеви руските граѓани кои имаат можност да ги дегустираат нашите врвни производи на Националниот штанд што Македонија го има на Продекспо 2017“, истакнува Јорданка Ристова, директор на Вори.

Македонската храна и вино во Москва која ја презентираат компании од прехранбениот сектор и од индустријата на пијалаци, предизвика огромно внимание кај посетителите и што е уште позначајно кај руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и кај другите деловни луѓе.

“Со добиениот златен медал за Вори широко и се отвораат вратите и на рускиот пазар. Тоа се однесува и на другите македонски компании од овој сектор и за винариите, за кои руските деловни луѓе изразуваат огромен интерес и кој очекуваме да  финализира со конкретни договори и натамошно зголемување на македонскиот извоз на овој пазар. За годинава очекуваме македонскиот извоз во Руската Федерација да биде со поголем раст од минатогодишниот кога порасна за 39,5%“, истакна Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско – руската стопанска комора, во чија организација и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ се реализира настапот во Москва.

Во Експоцентарот во Москва на Продекспо 2017 на 100.000 квадратни метри своите производи ги  излагаат над 2.000 компании од 57 земји од светот со 27 национални штанда, меѓу кои е и македонскиот. Во таквата конкуренција значаен е успехот што го постигна гевгелиски Вори со освојување на врвното признание.