Вработените во САСА ќе добијат повисоки плати

71

Менаџерскиот тим на Рудник САСА донесе одлука за ново зголемување на платите на сите вработени за 5%. Ваквата одлука почнува да се применува од почетокот на оваа година, односно со исплатата на јануарската плата, стои во соопштението.

Дополнително, менаџментот на САСА одлучи да го зголеми и надоместокот за работна успешност што им се исплаќа на вработените при исполнување на одредени цели. При тоа, најголемо зголемување на овие надоместоци добија рударите, техничкиот кадар и персоналот што работи на одржување на опремата во рудничките јами.

Ова е трета година по ред, како што се наведува, како САСА врши зголемување на месечните примања на своите вработени. Со најново зголемување, месечните примања на вработените во Рудник САСА ќе бидат над 40% повисоки од износот на просечната нето плата во земјата.

“Менаџерскиот тим на САСА, поддржан од неговите сопственици – компанијата Централ Азија Металс, е посветен да обезбеди вработените да бидат фер третирани и соодветно наградени за нивните напори. Паралелно со процесот на зголемување на платите и надоместоците за работна успешност, продолжуваме да инвестираме и во останатите значајни сегменти, како што се: заштитата на животната средина, безбедноста и здравјето и современата опрема и технологија. Со ваквите вложувања ние се трудиме да ја унапредиме благосостојбата и социјалната сигурност на сите вработени, да ги мотивираме дополнително и да обезбедиме поголема продуктивност и ефикасност во нашето работење, со што создаваме услови за натамошен одржлив развој на рудникот САСА“, вели генералниот директор на Рудник САСА, Олег Телној.