Вреди ли да се штеди?

255

Во светот денеска се одбележува Светскиот ден на штедењето, па во таа чест одвојуваме неколку редови за оваа добра навика што треба да ја имаме сите. Штедењето по дефиниција претставува чување на материјални добра или пари за нивно користење во некој иден временски период.

Колку сме добри “менаџери“ на личните финансии зависи од повеќе фактори, меѓу кои се и висина на примања, месечни трошоци, добро управување со финансии, утврдување на приоритети и внимателно трошење… Сепак, штедењето значи грижа за иднината. Сигурно ако имате одреден вишок на средства ви се наметнало прашањето како најпаметно да се вложат тие пари – или да се заштедат во банка, да се инвестираат во недвижен имот, да се вложат во хартии од вредност, да се чуваат “под перница“… Која опција е најдобра? Не постои единствен одговор на ова прашање, бидејќи зависи од повеќе факти.

Ако сакате да прифатите ризик, да се впуштите во нешто непознато, што би донело и поголем профит, би можеле да ги инвестирате парите што ги имате. Во тој случај важно е профитот од инвестицијата да биде поголем од каматата за штедење, што ќе се добие од банката за орочување на одреден временски период. Во спротивно, ризикот нема да биде оправдан. Треба да земете и предвид дека кај инвестициите може и да загубите сè, што не е случај со штедењето. Меѓу овие две спреги се појавува можноста за инвестирање во недвижен имот. Колку и да се менува цената на недвижнината, во случај кога имате потреба од пари, може да ја продадете.

Како можност за паметно “играње“ со слободните пари може да се земе и купувањето акции, обврзници или заштеда за животно осигурување.

Сепак, заштедата на пари во банка не бара некој дополнителен напор, многу документи или претходно предзнаење или истражување на пазарот. Иако каматните стапки не се високи, сепак штедните влогови се на безбедно место и нудат одреден приход без голема инвестиција. Во последните години, Македонија и земјите од регионот го поттикнуваат денарското, односно штедење во домашна валута, па затоа и каматните стапки на тие депозити се повисоки. Депозитите по видување, пак, имаат пониска камата, за разлика од оние коишто се орочени на точно определен временски период.

На крајот на денот, важно е да имате доволно средства за да ги покриете потребите што ги имате на дневна, неделна и месечна основа, а она што ќе ви остане паметно да го искористите за во иднина.

Фото: Pexels