Вредноста на логото

37

Меѓу повеќето неделни текстови, што ги добиваме на различни теми и од различни автори, пред некој ден добивме текст од Сет Годин (Seth Godin) – американски автор, кој зборуваше за вредноста на логоата на компаниите-брендовите. Тој вели, направете еден едноставен тест. Прашајте ги луѓето околу вас да наведат некое лого што им се допаѓа. Ќе видите дека тие ќе одберат лого на компанија или бренд кој тие го сакаат/ценат или му се воодушевуваат.

Неговата поента е дека, добриот (голем) бренд прави добро лого, а не обратно (добро лого прави добар бренд).

Во суштина, ако се разгледа ова од маркетинг (бренд) аспект, може да констатираме дека е многу точно и издржано. Логото (или кој било визуелен елемент на некој бренд) е само рефлексија на карактерот на брендот, компанијата. Ова иако изгледа многу логично и едноставно, во реалноста, голем број компании, менаџери и маркетери, посветуваат повеќе внимание на надворешниот (визуелниот) изглед на некој бренд (формата) отколку на суштината, карактерот на тој бренд-компанија. Нормално, не кажувам дека надворешноста не е важна или е помалку важна, туку дека успехот на вашата компанија или бренд нема да зависи од изгледот, дизајнот на логото или другите промотивни елементи, туку најмногу од квалитетот на вашата работа, стратегија, позиционирање и тимот којшто работи.

Кои се најважните елементи со цел еден бренд да биде перципиран како голем, добар.

  1. Визија и мисија на брендот – Зошто постои брендот? Што сакате да постигнете? Каде сакате да стигнете? Тоа е вашиот манифест, основата на сè што ќе правите понатаму во иднина. Имајте јасна визија и мисија. Дефинирајте ги вредностите на брендот и не само да ги наведете на вашата веб-страница, туку вистински да се придржувате кон нив.
  2. Стратегија – како планирате да ја реализирате вашата визија и мисија. Голем број на компании или воопшто немаат јасна и детална стратегија или генерално таа се наоѓа во главите на менаџерите. Ако немате стратегија ставено на хартија, тоа е исто како и да немате стратегија. Најважно е да бидете издржливи и конзистентни во имплементација на истата. Ако постојано ја менувате, најголем дел од времето ќе го минувате во тестирање на можни тактики, а не да ја фокусирате вашата енергија на најдобрата стратегија.
  3. Позиционирање – тоа е карактерот на брендот, персонализација на брендот. Што е тоа што ве разликува од другите? За кого е наменет, типот на купувач, канали на продажба, конкуренција итн. Без јасно позиционирање на брендот не може да имате јасна комуникација и да следите јасна порака до вашиот купувач.
  4. Визуелен идентитет – откако ќе ги дефинирате сите горенаведени елементи, како одраз на сите тие вредности, и она што сакате да го искомуницирате, треба да се развие визуелниот идентитет на брендот. Тука спаѓа развој на лого, пакување, промотивни елементи итн. Најважно да се знае е дека, ниту еден елемент не смее да се развива посебно или да не е во релација со позиционирањето и со карактерот на брендот.
  5. Комуникациски план – ова се однесува на сите канали, медиуми или алатки што ги користите да ја пренесете пораката за вашиот производ, услуга, бренд. Ова е тоа што се нарекува промоција или “адвертајзинг”. Ама, за жал, голем број од луѓето го нарекуваат “маркетинг”. И овој е делот што најголем број менаџери во Македонија не го сакаат, бидејќи велат дека било “трошење пари”. Ако не ви се сите овие елементи во релација, пораката ќе биде конфузна и секако дека промоцијата ќе биде трошење пари.
  6. Имплементација – може да имате најдобра стратегија, производ, пакување, промотивни елементи, но ако не ги имплементирате во релација со предвидените насоки и планови, џабе ви е сè. Во овој дел се прават најголем број на компромиси, а компромис во маркетингот може да значи и намалување на вредноста на брендот.
  7. Тим – за сè ова да функционира како што треба, потребен ви е квалификуван, едуциран и искусен тим. Ако е лош мајсторот и со најдобриот алат, бојлерот повторно ќе протече.

Со успех во промените.

Фото: Pixabay