Врвниот експерт за мобилни технологии Томи Ахонен ќе зборува на Економскиот Самит во Скопје

12

2

Од 18 до 20 ноември ќе се одржи Македонскиот Економски Самит во Скопје кој во текот на трите програмски денови ќе претстави идеи и најдобри практики за тоа како да се подобри индустријата и деловниот сектор во Македонија. Организаторот на овој самит, Македонија2025, покани експерти од повеќе од 15 земји од регионот и светот кои ќе ги претстават своите предлози, анализи и програми за економски развој.

Почесен говорник е финецот Томи Ахонен, кого Форбс го назначи за број еден експерт за дигитални технологии во светот. Томи Ахонен, кој претходно работел на извршни функции во Нокиа, сега е советник на ИТ нации како Сингапур, Финска, Малезија, Ирска, во однос на нивната трансформација кон дигитални општества. Тој зборува на настани во Силиконската долина и Токио, како и на повеќе од 100 конференции низ светот. Има напишано 12 книги и има дадено свои излагања во повеќе од 140 публикации во кои со неверојатна прецизност ги предвидува идните технолошки текови. Ахонен е клучен говорник на самитот во Скопје каде ќе даде примери за неговиот ангажман во Европа, ќе зборува за трансформацијата на Јужна Кореја во дигитално чудо и за неговиот удел во развојот на тој сектор во Кенија, Ирска, Јужна Африка и Колумбија. Ахонен ќе ја претстави неговата визија за трансформирање на Македонија во создавање развоен центар во Скопје за паметни технологии и позиционирање на земјата како регионално инфо-технолошко средиште.

Од Македонија2025 се гордеат на учеството на голем број професионалци и експерти кои потекнуваат од Македонија, а работат во успешни и познати странски компании. Луѓе како Филип Мисовски од САП Германија, Петар Кајевски од Оракл Австрија, Дино Граматиков од Инмарсат Швајцарија, Бистра Кумбароска од Импакт Хаб во Виена, Лу Наумовски од Кинрос Голд Корп Русија и многу други, со голем ентузијазам сакаат да придонесат до подобрување на визијата за поуспешна и понапредна Македонија на економски и деловен план.

Преку несебично споделување на знаењето, но и со проширување на капацитетите за тоа знаење да се апсорбира, Македонија може да се преобрази во центар за развој на иновативни технологии и развојни индустрии. Тоа што е значајно за економскиот развој, додаваат од организацијата основана во дијаспората, е потребата за некои сегменти во индустријата да се трансформираат, да се вклопуваат со други, да соработуваат, како и да целат кон интегрирање со индустрии и сектори надвор од Македонија. Од Македонија2025 ги покануваат сите професионалци, претприемачи и аналитичари на бизнисот во земјата да дојдат на самитот, да се поврзат со меѓународните учесници и да работат на своите визии за развој на своите сегашни или идни капацитети и компании.

За сите детали поврзани со настанот како и можностите за регистрација која уште е во тек обратете се на www.macedonia2025.com/summit.