Втора туристичка берза: Дојдовниот туризам креира нови работни места во Македонија

50

1-ambasador-svajcarija-sibil-suter

Нова и поквалитетна понуда за туристите договараа повеќе од 180 претставници на туристички агенции, хотели, ресторани, музеи, винарии, туристички водичи, транспортери, студенти и претставници на Владата во рамки на Втората туристичка берза, организирана од Националната асоцијација за дојдовен туризам на Република Македонија (НАИТМ), стои во соопштението.

Првата туристичка берза, којашто беше организирана минатата година, помогна да се склучат нови договори во вредност од околу два милиона евра.

“Дојдовниот туризам влијае на повеќе сектори во економијата и директно и индиректно генерира работни места. Затоа, во креирање на туристичката понуда треба да бидат вклучени сите чинители кои придонесуваат кон зголемување на нејзиниот квалитет“, изјави Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Република Македонија.

Според него, време е дојдовниот туризам како индустрија што остварува извоз да го добие заслуженото место во општеството и да се зголеми свесноста за важноста на овој туризам.

Покрај работниот дел на којшто се склучуваа договори за соработка за следната година, на Втората туристичка берза се организираат и работилници за споделување искуства и нудење решенија за најважните проблеми со кои се соочуваат агенциите кои работат со дојдовен туризам во Македонија.

“Минатата година првата туристичка берза беше концентрирана само на работните средби и склучувањето нови договори. Оваа година, го проширивме концептот и организираме и панели за да добиеме квалитетни решенија на најважните предизвици со кои се соочуваме, а кои ќе произлезат од искуствата на сите туристички работници“, рече Сулев.

Втора година по ред, организацијата на туристичката берза е поддржана од Швајцарската амбасада во Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост и Швајцарската програма за поддршка на извозот. За амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, туризмот е еден од најважните сектори на економијата.

“Во светски рамки, туризмот генерира речиси 10% од глобалната економија и е заслужен за едно од 11 работни места. Македонија треба да го следи овој тренд и верувам дека оваа туристичка берза ќе помогне да се подобри туристичката понуда и на тој начин да привлече туристи и да креира нови работни места во Македонија. Среќна сум што Швајцарија како една од водечките земји за туризам во светот, веќе го споделува своето знаење и експертиза со туристичкиот сектор и помага во развојот на туризмот во Македонија“, истакна амбасадорката Сутер.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев потенцираше дека мора да организираме автентична туристичка приказна.

“Втората туристичка берза е одличен начин да се поттикне соработката меѓу сите чинители во туризмот. Оваа соработка е најважна за да се подигне квалитетот на туристичките услуги и креирањето на туристичките продукти. Одржувањето на туристичката берза треба да продолжи и ние како агенција ја поддржуваме“, рече Донев.

Втората туристичка берза се организира под слоганот Сите сме дел од истата туристичка приказна. Основната цел на берзата е да се подобри комуникацијата меѓу различните групи чинители во дојдовниот туризам, да се помогне во разбирање на нивните бизнис потреби и да се овозможи полесно прилагодување на туристичката понуда на Македонија согласно последните светски трендови.