Wellness програми на работното место за поголема мотивација и продуктивност

106

Расте бројот на компании во светот што стануваат свесни за потребите на своите вработени и во континуитет ги подобруваат условите за работа. Се верува дека ако компанијата воведува поквалитетни  услови за работа и покажува грижа за здравјето, развојот и напредокот на вработените, за кратко ќе стане најпосакуван работодавач, а вработените ќе даваат подобри резултати.

Воведување на wellness програми за некои компании не значи само дополнителен трошок, туку сериозен чекор кон повисок квалитет на живот на своите вработени. Така, тие стануваат свесни за здравите навики коишто ќе ги оддалечат од лекарските ординации, а ќе ја поттикнат нивната мотивација и продуктивност.

Анти – стрес програми

Постојат компании коишто активно се вклучуваат во борба против појавата што за многумина е секојдневие, а е меѓу главните “убијци“ на продуктивните и ефикасни вработени. Во овие програми се вклучени различни вежби со кои вработените можат да се ослободат од стресот додека седат на нивното биро. Колку што се важни физичките вежби, толку внимание се обрнува и на менталната гимнастика. На крајот на денот, вработените заминуваат со насмевка на лицето и немаат проблем да станат следното утро за да дојдат на работа.

Фитнес центри

Големите корпорации адаптираат цели простории за потребите на вработените, како и за нивно опуштање и релаксирање. Во еден дел од компанијата може да се оддели простор во којшто ќе се постават справи за вежбање. Така, вработените додека го пијат своето кафе или сок, можат да вежбаат и да разговараат со колегите. Поминати 10 минути на статичен велосипед, може да им биде од корист на вработените, особено на оние кои се “заковани“ за бирото најмалку осум часа.

Алтернативни начини на превоз

Возењето велосипед или електричен тротинет, може да значи поголема мобилност, избегнување на градскиот метеж, придонес кон почиста животна средина, физички активни вработени… Затоа постојат компании коишто ги поттикнуваат вработените да користат алтернативен превоз, а не само да седнат во автомобилот и мрзеливо да дојдат на работа. Има компании коишто воведуваат ден без автомобили, покажувајќи така поголемо ниво на свест за околината, како и за здравјето на своите вработени.

Фото: Pixabay