Youtube ќе претстави алатка што детектира украдени видеа

35

Youtube наскоро ќе го реши долгогодишниот проблем со “крадење“ на авторски видеа. Имено компанијата ќе претстави алатка што ќе ги идентификува украдените видеа, поставени од некој друг и ќе му дозволи на оригиналниот автор да ги тргне од Youtube, пишува Variety

Алатката Copyright Match после година дена бета тестирање, треба да биде достапна следната недела првенствено за автори со повеќе од 100.000 претплатници.

Така, откако некој корисник ќе постави видео на Youtube и каналот потврди дека е прво поставување, новиот систем ќе ги скенира и другите видеа што се поставени до услугата да види дали некое од нив е исто или премногу слично.

Кога Copyright Match ќе наиде на такво видео, истото ќе се појави во делот Matches. Потоа авторите ќе можат да изберат што да направат – да го остават видеото да стои, да го контактираат креатор или да побараат Youtube да го тргне видеото. Следно, Youtube ќе ги прегледа барањата со цел да се осигура дека се поклопуваат со политиките на каналот за авторски права.

Компанијата веќе долго време го има Content ID, автоматски систем за бележење на авторски права. Сепак, Copyright Match алатката е поинаква, бидејќи е дизајнирана посебно за авторите на Youtube кои имаат проблеми со неавторизирани поставувања.

Youtube ги предупредува корисниците да имаат во предвид дека во одредени случаи видеа што се повторно поставени не би се сметале за закана на авторски права, и не би се отстранувале. Освен тоа авторите не треба да поднесуваат барања за бришење на видеата што не се креирани лично од нив и немаат ексклузивно право врз нивната содржина.

Фото: Pixabay