За 145% скок на плаќањата со платежни картички преку интернет

10

Менувањето на навиките на граѓаните, во услови на ограничено движење заради пандемијата, придонесе за висок годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 145%, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 31%, во текот на целата 2020 година.

Плаќањата со платежните картички од страна на граѓаните во трговијата во земјата, во четвртиот квартал од 2020 година, забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 34% и 29%, соодветно. Високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните во трговијата е пред сè резултат на исклучителниот пораст на бројот на плаќањата со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во последниот квартал од 2020 година изнесуваше 153% и притоа беше двојно повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2019 година (71%), информираат од Народна банка.

Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба од страна на граѓаните, во последниот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 22%, што укажува на стабилна и непроменета состојба во растот па плаќањата со платежните картички на физичките места на продажба, во споредба со годишниот раст остварен во последниот квартал од 2019 година.

Од друга страна, негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата на граѓаните со користење на инструментот кредитни трансфери, коишто забележаа годишен пад од 3% кај вредноста на трансакциите, односно умерен годишен раст од 1,8% кај бројот на трансакциите.

Од почнувањето на ковид-кризата па наваму, во услови на потреба од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронските кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните, во последниот квартал од 2020 година, се зголемил за значителни 39,5% на годишна основа, што е трипати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (11,8%). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

Како и во изминатиот период во услови на пандемија, продолжува трендот на пораст на бројот на плаќања извршени со мобилен телефон, а во последниот квартал од 2020 година достигнува 105%. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така многу повисок од годишниот раст остварен во четвртиот квартал од 2019 година, којшто изнесуваше 42,6%. Покрај тоа, во четвртиот квартал од 2020 година, иако послабо во однос на употребата на мобилните апликации, продолжува и растот на употребата на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања, во четвртиот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 18,3%, којшто е повисок за четирипати од годишниот раст во четвртиот квартал од 2019 година, којшто изнесуваше 4,7%.

Од друга страна, условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за  менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа годишен пад од 14% во четвртиот квартал од 2020, наспроти годишниот раст во истиот квартал во 2019 година, од 12,3%.

Фото: Pexels/НБРМ