Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Светска банка (СБ) и Европска инвестициска банка (ЕИБ) најавија 30 милијарди евра помош за опстанок на економијата и раст во средна и југоисточна Европа, во контекст на продолжената криза во еврозоната, стои во заедничкото соопштение.
За да го ублажи негативното влијание на кризата во еврозоната врз економиите во “новата Европа”, заемодавачите најавија вкупно 30 милијарди евра поддршка за јавниот и приватен сектор во овој регион во 2013 и 2014 година, вклучувајќи ги и инфраструктурата, инвестиции на компании и во финансискиот сектор.
Помош е најавена за Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Хрватска, Естонија, Македонија, Унгарија, Косово, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија.
“Вниманието е насочено исклучиво кон проблемите во западна Европа, но не смее да се запостават оправданите барања на новата Европа, која стави многу на коцка за да учествува во економската и финансиска интеграција”, нагласи претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабати.
Новата програма ќе се фокусира на поддршка на програмата на реструктуирање, консолидација и диверзификација, како и на зајакнување на долгорочната конкурентност на економиите во регионот преку долгорочни кредити и купување на сопственички удели. Најголем удел во најавениот пакет има ЕИБ, која ќе кредитира 20 милијарди евра, главно преку долгорочни кредити за приватниот и јавниот сектор. Приоритет ќе бидат обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност, иновација и конвергенција. Светската банка ќе кредитира со 6,5 милијарди евра, а ЕБОР ќе учествува со четири милијарди евра во форма на кредити, инвестирање во сопственички удели и програми за финансирање на трговии.