За легализираните куќи до 500 квадрати откуп на земјиштето по евро за квадрат

24

Земјиштето на легализираните семејни куќи од вчера може да се откупи по цена од 61 денар за метар квадаратен за парцели до 500 метри квадратни.

Доколку парцелата е поголема, делот кој е над 500 метри квадратни ќе се отуѓува согласно цените за продажба по пат на непосредба спогодба, односно истите цени кои се плаќаат за оформување на парцелата.

Ова го соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на вчерашната прес-конференција, презентирајќи ја уредбата што за таа намена ја донесе Владата.

Како што истакна Јанакиески, досега во Македонија се легализирани околу 60.000 објекти. Во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 58.400 објекти, од кои 586 на правни лица, а останатите на физички лица. Исто така, запишани се и 692 базни станици.

Јанакиевски посочи дека со овие мерки ќе се излезе во пресрет на голем број семејства и стопанственици кои не можеа да се стекнат со сопственост на земјиштето на кое веќе имаат изградено објект.

“Направените анализи покажуваат дека најголем дел од куќите предвидени со урбанистичкиот план се до 500 метри квадратни. Таму каде што има поголеми дворови ќе се плати повисока цена согласно правилникот зависно од местоположбата и општината”, наведе Јанакиески.

За индустриските објекти нема ограничувања за квадратурата на парцелата. Цените што ќе се плаќаат за земјишето под објект се еднакви со ценовникот  на Министерството за финансии и варираат од 240 до 480 денари за метар квадратен во зависност од општината и регионот. Дворовите, пак, се приватизираат по цена од евро за метар квадратен.

“Очекуваме со овој процес и со давањето поволна цена пред се за индивидуалните куќи да овозможиме целосно затворање на циклусот на сопственост на земјиштето каде што има нелегално изградени објекти”, рече Јанакиески.

Министерот за транспорт укажа дека согласно законските одредби се воведува и еднократен надомест за воспоставување правотна службеност во износ од 10% од продажната цена на земјиштето за одредена намена по пат на непосредна спогодба. Тука најчесто станува збор за изградба на мали хидроцентрали, што било едно од барањата на концесионерите.

Според него, засега не се планира пролонгирање на рокот за доставување елаборати за легализирање на објектите, што истекува во јуни догодина, но целиот процес се следи.