За над 24 милиони евра намалени девизните резерви заклучно јануари

73

Вкупните девизни резерви на заклучно јануари оваа година изнесуваат 3.335.750.000 евра, што е намалување од над 24 милиони евра во споредба со декември лани (3.359.870.000 евра), покажуваат податоците на Народна банка.

Во јануари 2020 година, вкупните девизни резерви беа 3.100.590.000 евра.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (77,5%) по што следуваат валутите и депозитите (12,4%) и монетарното злато (10,1%).

Хартиите од вредност на крајот на јануари оваа година имаа салдо од 2.584.090.000 евра или 54,9 милиони евра повеќе во однос на претходниот месец (2.529.170.000 евра)

Валутите и депозитите заклучно 31.01.2021 година имаа вредност од 412.840.000 евра, а еден месец претходно изнесуваа 488.970.000 евра, додека во јануари минатата година беа 298.120.000 евра.

Монетарното злато на крајот на јануари вредеше 338.180.000 евра, односно 2,9 милиони евра помалку одошто во декември лани, но 20,2 милиони евра повеќе во споредба со јануари 2020 година.

Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.

Фото: Freepik