За Рудници Бањани 2016 година заврши со 2,2 милиони денари добивка

28

rudnici-banjani-1

Минатата 2016 година за Рудници Бањани заврши со вкупна сеопфатна добивка од 2.254.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза. Во текот на 2015 година, компанијата прикажа 626.000 денари добивка.

Вкупните приходи од продажба на крајот на годината имаа салдо од 80.765.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 80.227.000 денари, а остатокот од 538.000 денари е остварен на пазари во странство.

“Приходите од продажба се поголеми за 24.482.000 денари во однос на истиот период лани и се резултат на зголемениот процент на микрофракции во однос на вкупната продажба изразена во тони“, стои во Образложението за настанатите значајни промени во финансискиот резултат.

Зголемувањето на продажбата, како што се наведува, повлекува и зголемување на оперативните расходи кои оваа година се поголеми за 21.038.000 денари во споредба со минатата година.

Основна дејност на компанијата е вадење декоративен камен за градежништво, суров гипс, креда и шкрилци. Главни производи се сепариран и микронизиран варовник во најразлични фракции. Главни услуги на Рудници Бањани се: бушење, минирање и транспорт.