“Забранети“ теми за разговор на работа

233

Непобитен е фактот дека една третина од денот го поминувате со колегите, со нив споделувате многу работи што ви се случуваат и на работа, но и во приватниот живот. Колку и да ви се блиски колегите или вие сметате дека е тоа така, сепак бидете внимателни што разговарате со нив.

Внимателно со детали од приватниот живот

Една од работите на којашто секој вработен треба да обрнува внимание е јасно разграничување на приватниот и професионалниот живот. Иако не може да се повлече дебела црта меѓу нив, сепак внимателно со деталите од приватниот живот на работа и обратно. Не сите колеги се заинтересирани да ги слушаат вашите маки што ги имате со некој близок. На пример, не мора постојано да зборувате за тоа што ви пречи кај вашиот сопруг или свекрвата. Колку и да се вашите колеги непосредни, би преживеале и без некој “сочен“ детаљ од вашиот приватен живот. Истото важи и кога сте излезени на кафе или вечера со пријатели или познаници. Не изнесувајте многу информации, бидејќи за некои од нив дури може да “платите“ со отказ или да завршите на суд.

Политика – тема што не е пријатна за во канцеларија

Иако политиката е навлезена насекаде околу нас, сепак не мора тоа да биде тема на разговор. Никој не може да ви забрани да бидете симпатизер, па дури и член на некоја политичка партија сè додека сте професионални во она што го работите. Жолчните дискусии или препирања со колегите кои имаат различни политички погледи од вас се најмалку посакувани во канцеларија. Затоа, избегнувајте да коментирате осетливи теми поврзани со политиката. Оставете ги тие теми надвор од работното место и ќе немате главоболки.

Озборување

Озборувањето или зборувањето зад грб може да ви се врати како бумеранг. Ако имате некаков коментар, подобро најдете соодветен збор за да му ја кажете вистината на колегата, одошто неговото однесување или работа да биде ваша тема за разговор за негов грб. Озборувачите “уживаат“ помал углед и почитување меѓу колегите, а често пати и тие самите стануваат предмет за озборување. Држете до себе, имајте свој став и аргументирано бранете го. Не подлегнувајте на игри на колегите кои сакаат да озборуваат, бидејќи за брзо време може да станете нивна жртва.

Не зборувајте како “навиени“

Секој од нас е различен и на свој начин комуницира со остатокот од светот. Има луѓе кои постојано сакаат да зборуваат, а има и такви кои повеќе уживаат во тишината. Кога сте на работа треба да бидете прилагодливи на условите што владеат и да се адаптирате на “мнозинството“. Иако важите за комуникативна личност по природа, сепак бидете селективни во муабетите, бидејќи вашето “дрдорење“ може некому да му одвлекува внимание или да го деконцентрира. Затоа, бидете умерени во целото ваше однесување и така ќе се вброите во омилените меѓу колегите.

Фото: Pixabay