Задолжителна регистрација за годишните ДДВ обврзници кои преминуваат во тримесечни

38

Сите даночни обврзници кои од наредниот месец ќе преминат во тримесечни ДДВ обврзници, а кои не се регистрирани на системот за електронско пријавување на ДДВ во Управата за јавни приходи, потребно е да се регистрираат бидејќи во спротивно нема да ги запазат законските рокови за пријавување на ДДВ.

Според последните податоци на УЈП, од вкупно 10.793 годишни ДДВ обврзници кои од наредниот месец ќе преминат во тримесечни ДДВ обврзници, 444 се уште ја немаат исполнето обврската за регистрација на системот за електронско пријавување на ДДВ преку системот е-Даноци.

Со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, се укинува можноста како даночен период да се смета календарска година. Во насока на имплементација на законските измени, Управата за јавни приходи на сите годишни ДДВ обврзници кои од 1 јули 2014 година преминуваат во тримесечни ДДВ обврзници ќе им достави решение за измена на даночен период за ДДВ.

За прв даночен период во 2014 година ќе се смета периодот од 1 јануари до 30 јуни 2014 година за кој оваа категорија на ДДВ обврзници ќе треба да поднесат ДДВ-04 пријава преку е – Даноци и да извршат плаќање на ДДВ – обврската најдоцна до 25 јули 2014 година.