Заменик-министерот за финансии Николоски во Стразбур на Пленарен состанок на Комитетот на Moneyval

55
 Заменик-министерот за финансии Филип Николоски ја предводи делегацијата на РС Македонија која од денеска до 24 мај 2023 ќе учествува на 65-тиот пленарен состанок на Комитетот на Moneyval, што се одржува во Стразбур
На состанокот ќе се разледа Нацрт-извештајот за евалуација на РС Македонија за системот, процес кој е започнат во декември 2021 година и се заокружува со усвојување на извештајот. На 24 мај, заменик-министерот Николоски, ќе има свое обраќање на 65-от Пленарен состанок.

Комитетот на Moneyval го спроведува 5-от круг на евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на нашата држава, со што ја оценува техничката усогласеност со препораките на ФАТФ, односно нашата правна и институционална рамка и ефикасноста на системот преку имплеменатција на законските надлежности и постигнатите резултати.

Moneyval Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам е мониторинг тело на Советот на Европа со 47 земји-членки, кoјшто поднесува извештаи директно до својот главен орган, Комитетот на министри на Советот на Европа. Задачата на Moneyval е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот и ефективноста на нивното спроведување, како и да дава препораки до националните власти во однос на неопходните подобрувања на нивните системи.

Делегацијата на Пленарниот состанок во Стразбур ја сочинуваат претставници од релевантните институции вклучени во процесот, и тоа: Управа за финансиско разузнавање, Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Министерство за внатрешни работи, Народна Банка, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на осигурување и Централен Регистар.