Западните банки повлекуваат пари од “нова” Европа

25

Западните банки повлекуваат пари од земјите од средна, источна и југоисточна Европа, при што темпото во второто тримесечје е благо забрзано, констатира групата меѓународни кредитори и регулатори.

Виенската иницијатива е формирана во јануари 2009 година, на иницијатива на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за преку соработка со банките, регулаторите и меѓународните финансиски институции да се спречи колапсот на финансискиот систем во источна Европа под влијание на финансиската криза.

Групата ја сочинуваат претставници на ЕБРД, Меѓународен монетарен фонд (ММФ), Европска инвестициска банка (ЕИБ) и Светска банка, како и Европската комисија и Европската централна банка како набљудувачи. Застапени се и регулатори и фискални власти на матичните земји на големите банки и најголемите банки кои работат во регионот на нова Европа.

Иницијативата го следи трендот на раздолжување во регионот во квартални извештаи и во вториот извештај, за второто тримесечје, констатира дека банките до крајот на јуни го намалиле финансирањето на подружниците и останатите банки и претпријатија во регионот на нова Европа, со исклучок на Русија и Турција, во противвредност од 4,1% од нејзиниот БДП.

Трендот на раздолжување најмногу ги погодил Унгарија и Словенија, каде банките го намалиле финансирањето во противвредност од 10% до 15% БДП. Потоа следуваат Бугарија, Хрватска, Литванија и Србија, каде финансирањето е намалено во противвредност од 5% до 10% од нивниот БДП.