Западните компании продолжуваат да плаќаат 200.000 руски работници иако тие не работат

123

Голем дел од западните работодавци имаат проблеми со испраќањето пари во Русија, а бидејќи не остваруваат приходи, им плаќаат на работниците од резервите на тамошните филијали, кои наскоро ќе пресушат, вели Питер Финдинг, експерт  за трудово право во FisherBroyles.

Речиси 200.000 руски работници вработени во компании во странска сопственост продолжуваат да примаат плати и покрај повлекувањето на нивните работодавци од пазарот поради меѓународните санкции.

Тоа аналитичарите го толкуваат како стравови на странските компании од национализација на имотот, со оглед на тоа што не се гледа блискиот крај на војната во Украина.

Според анализата на ФТ, најмалку 188.000 руски работници сè уште примаат плати од голем број странски компании, од американскиот Мекдоналдс до францускиот производител на автомобили Рено. Вистинската бројка е веројатно далеку поголема, имајќи предвид дека странските работодавци, како синџирот за брза храна KFC и Coca-Cola, сè уште не потврдиле дали исплаќаат плати во Русија.

Повод за анализата беше изјавата на градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, кој на почетокот на неделата рече дека околу 200.000 работници во руската престолнина би можеле да останат без работа.

Затоа, градските власти одобрија план за помош во вредност од 3,36 милијарди рубли (41,4 милиони долари). Ова е во прилог на планот за државна помош вреден 40 милијарди рубљи наменет за 400.000 работници.

Консултантски компании како што се Boston Consulting Group (BCG), Linklaters и McKinsey ги преселиле своите руски работници во други земји. Сепак, тешко е да се преместат работниците од производниот, услужниот и малопродажниот сектор, па затоа многумина се соочуваат со отпуштања, со оглед на тоа што активностите на западните компании очигледно нема да продолжат толку брзо.

Чип Берг, извршен директор на  Levi Strauss, овој месец изјави дека познатиот производител на тексас облека сè уште плаќа повеќе од 800 руски работници. Но, тој додаде дека „не е оптимист дека компанијата ќе го продолжи производството во целост толку наскоро“.

Според Питер Финдинг, експерт за трудово право во FisherBroyles,  компаниите кои ја прекинале работата сè уште се обврзани да плаќаат плати. Работодавците имаат три опции.

Тие можат да исплаќаат редовни плати, да исплаќаат шестмесечен износ или да преместат работници во делови од компанијата каде што бизнисот не е суспендиран.