Започнува пријавувањето на бесплатната Еуролинк летна балетска школа

20

baletska-skola

Четврта година по ред, Еуролинк осигурување во рамки на платформата за Корпоративно општествена одговорност, Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности, ја организира бесплатната балетска школа за деца на возраст од 7 до 12 години, стои во соопштението.

Вкупно 50 девојчиња и момчиња ќе имаат можност да ги изучат основните чекори на балетската игра, развивајќи ја координацијата на движењето, слухот, чувството за ритам, убавината на движењето и дисциплината. Балетската бесплатна школа организирана од Еуролинк осигурување претставува еден од начините да се регрутира идната балетска публика, но и можност за рано насочување на деца кои имаат талент да се занимаваат со сценска игра.

Летната балетска школа ќе трае три недели, учесниците ќе бидат поделени во две групи, започнувајќи од 26.6.2017 г. до 17.7.2017 г. секој понеделник, среда и петок, со почеток од 18 и 19 часот, во просториите на  Булфог Балетско училиште, ул. Миле Попјорданов бр. 68-кула 12, под менторство на Горан Божинов, педагог и првенец на МОБ.

Родителите можат да ги пријават своите деца од 9 до 16 јуни на електронската адреса  letnabaletskaskola@eurolink.com.mk, со испраќање на следните податоци: Фотографија од детето, возраста на детето, неговата тежина и висина и број на балетанки, информација за претходно балетско искуство и контакт телефон од родителот.

Еуролинк осигурување на сите учесници ќе им обезбеди бесплатна балетска униформа.

Бесплатната балетска школа на Еуролинк е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.