Започнува вториот циклус од Виртуелна берза

48

virtuelna berza

Од денеска започнува вториот циклус на наградната игра Виртуелна берза што ја организира Македонската берза.

Виртуелната берза претставува симулација на вистинското тргување на Македонската берза, бидејќи со виртуелни пари се купуваат и продаваат вистински хартии од вредност што се тргуваат на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра има за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголем профит при тргувањето во виртуелниот берзански свет. Воедно, учесниците во играта имаат можност да го вреднуваат своето вистинско портфолио остварено од тргувањето на Македонската берза.

Право на учество имаат сите лица што ќе се регистрираат на Виртуелната берза.

Секој регистриран учесник ќе добие на располагање 500.000 виртуелни денари со кои ќе може да купува и продава акции што се котирани на Официјалниот пазар на Македонската берза на подсегментите Супер котација, Берзанска котација и Задолжителна котација.

На 30 јуни оваа година успешно заврши првиот циклус од Виртуелна берза, каде што во оваа игра на знаење беа вклучени повеќе од 600 учесници.