Завршени 60% од браната Конско

34

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денеска беа на локацијата каде што се гради браната Конско.

Изградбата на браната започна пред две години и досега согласно договорот со изведувачот, околу 60% од изградбата е завршена. Се очекува до крајот на оваа година да заврши целосната изградба на браната. Овој капитален проект е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.

Браната Конско е од исклучително значење за наводнувањето на земјоделските површини од овој регион, но оваа брана истовремено има мултифункционална намена.

“Со изградбата на браната, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското езеро. Браната Конско ќе обезбеди вода за наводнување на нови 8.000 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и ја зголемуваше цената на земјоделските производи. Со оваа брана ќе се создадат неопходните услови за дополнителен развој на земјоделството, зголемување на производството на храна со намалени и  конкурентни цени“, изјави министерот Димковски.

Дополнително, вештачкото езеро на браната Конско која се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20-тина километри оддалеченост од градот, претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија.

Глобално, ова ќе значи зголемување на економскиот раст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај и развој на општина Гевгелија на повеќе нивоа.

“За Општина Гевгелија оваа брана има големо значење, наводнување, развој на туризмот, обезбедување на чиста вода за пиење. Ова е најголема инвестиција во последните 50 години во Општина Гевгелија“, изјави градоначалникот Поцков.

Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, низ чиј развој се реализираат сите стратешки планови за напредок. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, придонесуваат за енергетска стабилност и безбедност на храната на национално и регионално ниво и токму затоа претставуваат едни од најзначајни приоритетни инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство наменети за развој на земјоделството.