Заврши гроздоберот во Тиквешко

17

Бербата на грозјето во најголемиот лозаровинарски регион во Македонија, Тиквешко, заврши, а дел од винариите веќе почнаа со исплата на грозјето, информираше Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозари Агротиквешија од Кавадарци.

“Полека полека се средува хаосот во лозаровинарството во Македонија. Конкуренцијата во винарскиот бизнис си го прави своето. Отворањето на неколку нови винарници во регионот придонесе винарите да го стават прстот на главата и да гледаат што побргу да го платат откупениот род, оти само така ќе ја стекнат довербата кај лозарите”, рече Аризанов.

Тој нагласи дека сепак при исплатата дел од винарските визби предност даваат на смедеревката како најзастапена бела сорта на грозје наспроти кратошијата како најзастапена црна винска сорта на грозје.