Заврши проектот за унапредување на инвестициите и извозот

26

Проектот кој беше за унапредување на инвестициите и извозот официјално заврши по четиригодишна имплементација. Дел од резултатите на овој проект беа:

-иницирање на повеќе од 2.000 деловни контакти кои резултираа со нови продажби во вредност од над 10 милиони евра,

-учеството на македонски фирми и организации на преку 20 реномирани меѓународни саеми,

-бројни Б2Б настани во Германија, Австрија и Македонија,

-одржување повеќе од 70 семинари, обуки и работилници со над 1.000 учесници

Според денешната изјава на државниот секретар во Министерството за економија Анче Трифунов, во рамки на проектот е обезбедена и поддршка од над 20 врвни германски и домашни консултанти кои работеа непосредно со компаниите, помагајќи им да вградат најсовремени знаења и вештини во процесите на управување и организација на производството и маркетингот.

Овој четиригодишен проект беше спроведен во рамки на билатералната германско-македонска развојна соработка од страна на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) по налог на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ).

Проектот го поддржаа:

-Министерството за економија,

-Инвест Македонија – Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот,

-Текстилно Трговско Здружение – Кластер за текстил и,

-Стопанската комора за ИКТ (МАСИТ).

“Целта беше подобрување на меѓународната конкурентност на македонските компании во секторите текстил и облека, добавувачи на автомобилски делови и ИТ/софтвер, кои припаѓаат во групата клучни национални индустрии, со највисок потенцијал за генерирање на вработувања, извоз и нови инвестиции”, истакна Трифунов.

Вкупната вредност на германскиот придонес за проектот изнесуваше 2,5 милиони евра, во првата фаза (март 2008 – декември 2009) тој изнесуваше 0,6 милиони евра, додека во втората (јануари 2010 – декември 2012) 1,9 милиони евра.