Здружение на винари ќе го унапредува винарството во Македонија

22

Новоформираното Здружение на винари на Република Македонија, кое беше промовирано вчера во Демир Капија, за главна цел има унапредување на винарството.

“Приоритет ќе биде проширување на знаењата од технолошката пракса и теорија, а исто така и следење на трендовите надвор од границите на нашата земја. Работејќи со другите институции во државата кои сакаат да го афирмираат македонското вино би сакале да ги подобриме состојбите во македонското винарство”, рече претседателот на здружението Игно Тасев, јавува МИА.

Според Елена Богева заложбата е да се создаде македонски вински бренд кој ќе биде препознатлив во светот. За Лазе Плетварски најголемата надградба во оваа професија, освен сопственото теоретско и практично усовршување, е можноста за патување и анализирање на технолошките достигнувања на светските лидери во винарството како Франција, Германија, Јужна Африка, Австралија, САД, Чиле, Нов Зеланд. Марија Велковска, пак, смета дека е добро кога во едно здружение ќе се спојат искуството и младоста.