Пензиските друштва во земјата еднаш годишно во писмена форма ќе доставуваат до своите членови извештаи за состојбата на средствата на нивните сметки. Извештаите, со состојбата на пензиската заштеда на членот и со портфолиото на пензискиот фонд, ќе се доставуваат во зелен плик за нивна полесна препознатливост.
Со ова, како што информира претседателот на Советот на експерти на МАПАС Булент Дервиши, е воведена најновата измена на подзаконската регулатива.
Дервиши додаде дека се направени одредени измени и во форматот и содржината на овие извештаи во насока на нивна поголема прегледност, поедноставен и сликовит приказ на пензиската заштеда на членовите и инвестирањето на нивните средства, како и вклучување на појаснување на основните термински поими кои се уште се непознати за членовите.
“Сите овие измени МАПАС ги направи слушајќи ги желбите и потребите на членовите. Пред околу една година беше спроведено истражување, во кое со директни интервјуа и фокус групи составени од членови се зборуваше за овие извештаи, колку ги разбираат и што не разбираат. МАПАС постојано се залага за транспарентен пристап, а едновремено врши и едукативна улога, така што на некој начин и ги учиме членовите за нивните права и обврски од вториот и третиот столб”, истакна на прес-конфернцијата Дервиши.
Во вториот има над 350.000 членови и околу 20.000 во тетиот и околу 440 милиони евра за кои се грижи МАПАС. Дервиши посочи дека бројот на членови и средства континуирно расте.
“Во насока на подигнување на свеста на јавноста за капитално финансираното пензиско осигурување и излегување во пресрет на интересите на своите членови МАПАС, веќе во текот на целата претходна година активно презема активности за подигнување на свеста на јавноста и особено младите како идни членови во тростолбниот пензиски систем преку едукативна кампања за младите и посети на средните училишта и факултети, делење информативни флаери, активирање и редовно ажурирање на новости на фејсбук страна, изработка и достава на електронски информатор Е-МАПАС”, додаде Дервиши.
Тој апелираше до членовите на вториот и третиот столб да ги ажурираат своите лични податоци за да може зелениот плик да стигне до нив.
“За членот да знае колкава е неговата пензиска заштеда и како се инвестирани неговите пари, пожелно е секој член на пензиските фондови кој нема да добие зелен плик од своите пензиски друштва да се јави во пензиските друштва или МАПАС за проверка дали нивните податоци се точни и целосни”, потенцираше претседателот на МАПАС.
Дервиши додаде дека МАПАС постојано е насочена кон заштита на интересите на членовите и, како и досега, ќе продолжи секојдневно со своите супервизорски активности врз пензиските друштва и пензиските фондови и ќе работи на промоција и на развивање на свеста кај јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и негово континуирано поттикнување и унапредување.