Земјите од Западен Балкан заедно ќе работат на подобрување на конкурентноста

16

Повеќе инвестиции и извоз, подобро стручно оспособување и структурни реформи во образовните системи, како и зголемување на правната сигурност и владеењето на правото се клучните области на кои треба да поработат земјите од Западен Балкан за подобрување на конкурентноста на нивните економии.

За зголемување на конкурентноста, пак, на компаниите на домашно, но и на локално ниво недостасуваат квалитетна сообраќајна, комунална и енергетска инфраструктура, и поинтензивна соработка заради трговско инфраструктурно поврзување. Затоа е потребно да се поттикне регионалната соработка во областа на инфраструктурните проекти, енергетиката и проектите за размена на млади.

Ова се главните заклучоци од регионалната конференција “Економијата – основа за поврзување на Западен Балкан – насоки за подигнување на конкурентноста на компаниите од регионот“ што минатата недела се одржа во Црна Гора, а на која присуствуваа и претставници од Стопанската комора на Македонија, пренесува Миа.

На состанокот, како што рече Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија, било посочено дека честото менување на прописите оневозможува правна сигурност, а со тоа и привлекување на странски инвестиции.

“Потребно е регионот да се претстави како атрактивно место за инвестирање и преку заеднички  прекугранични проекти да отпочне блиска соработка за промоција на регионалниот економски развој. За да има повеќе инвестиции неопходно е зголемување на правната сигурност, а тоа, пак, значи дека во сите земји во регионот би требало да постои поголема усогласеност на прописите со правото на Европската унија“, нагласи Милевска Штрбевска.

Потенцира дека на конференцијата е договорено да се формира работна група која ќе утврди  листа на 10 пилот проекти од заедички интерес на сите земји во регионот со земање предвид на компаративните предности на секоја од земјите. Наскоро во Берлин со германска помош ќе се одржи и првиот состанок на работната група. Германската поддршка на регионот ќе продолжи и во наредните три до четири години, а за краток период се очекуваат да се видат првите резултати.

Таа посочи дека претседателите на стопанските комори од регионот се залагаат за воспоставување на поцврсти економски врски на овие простори и ја  препознаваат неопходноста и значењето на регионалната економска соработка.

Во првите шест месеци од годинава дури 78% од македонскиот извоз е реализиран во земјите од Европската унија, а потоа следат земјите од Западен Балкан со 13,6%. Ситуацијата е слична и во сите земји од регионот и тие над 50% од размената ја реализираат со Европската унија. Воедно, Германија е еден од главните трговски партнери на сите земји од Западен Балкан.