Земјоделци од Македонија на саемите во Измир и Нови Сад

19

Земјоделци од Македонија ќе имаат можност да ги посетат Меѓународниот саем за земјоделство во Нови Сад, Србија, и Саемот за градинарски, поледелски и овошни култури на отворено во Торбали – Измир, Турција.

Посетите ги организира Федерација на фармери (ФФРМ) со цел да се разменат искуства и да се види практичната примена на новите технологии во аграрот.

“На ваков начин ќе се поттикне заедничкото планирање и донесување одлуки за усвојување и примена на напреднати земјоделски техники и технологија што ќе доведе до подобрена продуктивност, стандардизација на производите, оптимализација на количините и зголемување на приходите“, изјави претседателот на ФФРМ Никола Стаменов.

На Саемот во Нови Сад ќе присуствуваат 100 земјоделци, а на Саемот во Торбали 20 земјоделци.

На новосадскиот саем годинава ќе бидат презентирани земјоделска механизација, опрема и резервни делови, храна и пијалоци, растително производство, сточарство, амбалажа, хемиска заштита и ѓубрива, агроиновации,… додека во Измир на отворено ќе се презенираат засадени површини со нови сорти градинарски, поледелски и овошни култури.